Ќе има јавна расправа за дозволата за „Усје“, од фабриката велат дека процесот се одвива законски
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа ќе организира јавна расправа за постапката за обновување на дозволата за УСЈЕ на која, како што најавуваат од ресорното Министерство, ќе присуствуваат сите засегнати страни како и претставници на граѓанските организации и иницијативи.
Препорачано
„Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа го почитува и поддржува секој мирен протест како демократско право на граѓаните и останува посветен на јакнење на транспарентноста и отвореноста на институцијата. Во таа насока, како што веќе беше најавено пред медиумите, Министерството ќе организира јавна расправа за постапката за обновување на дозволата за УСЈЕ, за што веќе е поднесено барање. На расправата ќе бидат поканети сите засегнати страни, вклучително и претставници на граѓанските организации, иницијативи и стручната јавност. Сметаме дека суштинскиот придонес се остварува преку отворен и аргументиран дијалог во институционални рамки“, се вели во соопштението од Министерството за животна средина.
Граѓанскиот сектор, велат оттаму, е важен партнер во напорите за заштита на животната средина, а преку транспарентни процеси може да се изгради доверба во институциите и да се обезбедат одржливи решенија во интерес на граѓаните.
Активисти на иницијативата „Стоп за УСЈЕ“ денеска спроведоа герила-акција пред МЖСПП, со која испратија порака дека внимателно го следат процесот на издавање на дозволата.
Во меѓувреме, компанијата „Титан Усје“ соопшти дека продолжувањето на дозволата се одвива според законот и во соработка со институциите.
„При подготовката на апликацијата за продолжување на дозволата, компанијата во целост ги следи обврските и условите што произлегуваат од законските и подзаконските акти и соработува со сите надлежните институции. Грижата за животната средина е основна вредност за ТИТАН Усје. Свесни сме дека заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот предизвикуваат загриженост кај граѓаните и во нашето општество, како целина. ТИТАН Усје внимателно ја следи јавната дебата, сериозно ги сфаќа овие проблеми и дава транспарентен придонес кон нивно решавање“, велат од компанијата.
ВИДЕО+ГАЛЕРИЈА | „Профит за Усје, болест за народот“: Граѓанска блокада на Цементарница


