ВИДЕО | Америка нападна танкер, Иран возврати со ракети и со дронови – погоден е аеродром во Кувајт
Американската војска истрела ракета „Хелфаер“ кон танкер што пловел кон Иран, како дел од блокадата што ја спроведува претседателот Доналд Трамп, кој врши притисок врз Техеран да преговара за мировен договор според неговите услови. Иран потоа испука ракети и дронови, при што беше погоден и објект од аеродром во Кувајт, земја сојузник на САД, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Централната команда на американската војска објави видео од напад со ракета и соопшти дека цел била машинската просторија на танкерот „Лекси“, кој пловел под знамето на Боцвана, при што бродот бил онеспособен.
CENTCOM announced that U.S. forces disabled a sixth vessel in support of the naval blockade of Iran. The Botswana-flagged tanker Lexie was targeted in the Arabian Gulf while reportedly heading toward Kharg Island after ignoring repeated warnings for more than 24 hours. According… pic.twitter.com/OWZvMpHxIb
— Breaking911 (@Breaking911) June 2, 2026
„Екипажот на бродот ги игнорираше предупредувањата и повеќепати не постапи според наредбите на американските сили во период од 24 часа“, соопштија од американската страна, дополнувајќи дека погодениот танкерот бил спречен да стигне до Иран.
„Лекси“ е шестиот брод што американската војска го онеспособи откако започна со блокадата на Иран на 13 април. Американската војска соопшти дека досега пренасочила и 122 пловила кои се обидувале да влезат или да излезат од иранските пристаништа.
Иран возврати со свои напади
Ројтерс информира дека Иран потоа со дронови и ракети ја погодил зградата „Т1“ на Интернационалниот аеродром на Кувајт, каде има повредени лица и сериозна материјална штета.
Управата за цивилно воздухопловство соопшти дека сите летови се суспендирани, а воздушниот сообраќај е пренасочен кон алтернативни аеродроми до понатамошно известување.
Од САД, пак, соопштија дека во текот на ноќта одбиле повеќе напади на Иран врз цели во регионот на Персискиот Залив.
„Неколку балистички ракети и дронови беа пресретнати“, соопшти Регионалната команда за Блискиот Исток на платформата X.
Според информациите, не е повреден ниту еден припадник на американската војска, ниту пак е причинета материјална штета.
Како реакција на иранските напади, САД извршиле и таканаречени „самоодбранбени“ удари врз воен објект на Иран на островот Кешм во Ормускиот теснец.
Непосредно претходно, освен Кувајт, нападнат бил и Бахреин. Двете земји се клучни сојузници на САД во регионот и се домаќини на значајни американски воени бази.
Според американската страна, последните ирански напади не ги погодиле целите – дел од ракетите не функционирале, а дел биле успешно пресретнати од противвоздушната одбрана.
Американската војска дополнително соопшти дека соборила три дронови лансирани од Иран и биле насочени кон цивилни бродови што се движеле во регионалните води.


