Бесплатна психолошка поддршка за деца и тинејџери — ИЈЗ отвори советувалиште
Услугите ќе бидат достапни преку упатување од матичен лекар и системот „Мој термин“, со што граѓаните ќе добијат пристап до психолошка поддршка во рамки на јавното здравство.
Во Институтот за јавно здравје денеска беше отворено психолошко советувалиште за деца и адолесценти, прво од ваков вид во државата, кое ќе обезбедува стручна поддршка за деца, тинејџери, родители и наставници преку системот „Мој термин“, соопшти директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
Препорачано
„Психолошкото советувалиште има за цел стручни лица да работат со деца, со тинејџери, родители и со наставници за надминување на емоционалните, семејните и училишните предизвици. Ќе се водат разговори, ќе се даваат насоки, и тоа не само за надминување на проблемите туку и за понатамошен емоционален развој, за комуникациски вештини и надминување на сите оние бариери со кои се сретнуваат децата или проблемите во текот на животот во предучилишна возраст, во училишна возраст и малку кај постарите“, истакна Андоновска.
Услугите ќе бидат достапни преку упатување од матичен лекар и системот „Мој термин“, со што граѓаните ќе добијат пристап до психолошка поддршка во рамки на јавното здравство.
Андоновска информира дека е пуштена во употреба и станица донирана од Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА), која во реално време обезбедува податоци за радиоактивноста во воздухот, како и нова компјутерска опрема за потребите на Институтот.
Таа нагласи дека е проширена и листата на лабораториски услуги, со воведување анализи кои досега биле ограничено достапни во јавното здравство.
„Институтот ги презема и овие дијагностики за да ги врши сите, со цел да им овозможиме на луѓето кои немаат доволно средства да го прават тоа во приватните лаборатории, да можат да го прават и во државното здравство“, рече Андоновска.
Антикорупциска отвори предмет за злоупотребите во ИЈЗ, по загрижувачкиот ревизорски извештај


