Општина Тетово ќе дава по 100 евра за секое прваче
Денес на седница на Советот на Општина Тетово беа донесени две значајни одлуки кои директно ќе придонесат за подобрување на условите за живот и развој во градот, објави советникот од ВМРО-ДПМНЕ во општината, Ангел Карапетров, на социјалните мрежи.
Препорачано
„Првата одлука се однесува на еднократна финансиска поддршка за секое прваче во износ од 6.150 денари, мерка со која се овозможува полесен и поддржан почеток на новата учебна година за најмладите ученици и нивните семејства. Втората одлука предвидува реконструкција на паркот кај Музичкото училиште во Тетово, со што овој јавен простор ќе добие нов, помодерен изглед и подобрени услови за рекреација на граѓаните, особено на децата и младите“, напиша Карапетров во објавата.
„Паркот“ кај музичкото училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“ е мал простор од приближно 30 на 50 метри, кој општината и советниците од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да го „унапредат“ во парк. На местото на кое граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ бараше да се изгради вистински парк, поранешниот Монопол, приватни фирми градат огромен комплекс со станбени згради, откако актуелното раководство на општината, предводена од Вреди и Биљал Касами, од кое дел се и ВМРО-ДПМНЕ и советникот Карапетров, во контроверзна постапка им го продаде земјиштето за багателна цена.


