Трагедија во Германија: 20-месечно бебе почина во жежок автомобил, мајката го оставила за да оди на работа
Германија ја потресе трагична смрт на 20-месечно бебе, кое починало во автомобил откако неговата мајка го оставила за да оди на работа, пренесе Дпа.
Препорачано
Полицијата соопштила дека мајката излегла од автомобилот и заборавила да ја земе со себе својата ќерка. Малото дете било пронајдено безживотно во автомобилот во Шорндорф во близина на Штутгарт неколку часа подоцна.
Според информациите, 44-годишната мајка планирала да го однесе девојчето во градинка пред да замине на работа. Но наместо тоа, таа го оставила детето и го заклучила во колата. После неколку часа, кога дошла го видела детето дека е починато.
На местото на настанот биле повикани лекар за итни случаи и службата за брза помош, но не можеле да го реанимираат детето.
Полицијата соопшти дека биле информирани за безживотното мало дете околу 14:50 часот (12:50 часот по Гринич). Властите првично не дадоа дополнителни детали за тоа како мајката можела да го заборави своето дете во автомобилот.
Обвинителството во Штутгарт веќе отворило истрага против мајката под сомнение за предизвикување смрт од небрежност. Исто така, наредена е обдукција за дефинитивно да се утврди дали девојчето починало од топлотен удар или прегревање, или дали други медицински фактори придонеле за смртта.
Како може да се случи нешто вакво?
Трагедијата го поставува прашањето како е можно родителите да го заборават своето дете во автомобилот. Иако ваквите случаи честопати изгледаат незамисливи за јавноста, психолозите предупредуваат дека станува збор за добро документиран феномен кој дури има и свое име – синдром на заборавено дете.
Американскиот психолог Дејвид Дајмонд, кој се занимава со овој феномен речиси две децении, објаснува дека стресот, недостатокот на сон, прекумерната работа или промената во дневната рутина можат да предизвикаат дефект во функционирањето на меморијата. Мозокот може да создаде лажно чувство дека е извршена нормална задача, кога всушност не била. Така, родителот може да биде сигурен дека го испратил своето дете во градинка или училиште, иако тоа никогаш не се случило.
Слични трагедии не се невообичаени. Во Соединетите Американски Држави, во просек помеѓу 37 и 38 деца умираат секоја година од топлотен удар во автомобили. Од 1990 година, повеќе од 1.170 деца починале на овој начин во Соединетите Американски Држави, а најмалку 7.500 други преживеале со различен степен на повреди. Повеќе од половина од случаите се случуваат затоа што старателот ненамерно го заборава детето во возилото.
Вакви смртни случаи се евидентирани и на други места во светот. Во Бразил, во просек, околу три деца умираат годишно поради слични околности, а во Австралија, две до три жртви годишно. Како резултат на ваквите случаи, некои производители на автомобили веќе инсталираат системи за предупредување за присуство на патници на задните седишта, а слични предупредувања стануваат задолжителни во некои возила за превоз на деца.
На паркингот во Шорндорф, шокираните жители веќе положија цвеќе и плишани играчки во спомен на девојчето.
Стружанка отишла на работа и ги оставила децата сами ноќе во кола, сопругот ја пријавил во полиција


