ВИДЕО | За малку ќе останевме без Мајкл Скот: „Колега ми рече да не глумам во ‘Канцеларијата’ и дека проектот ќе пропадне“
Американскиот актер Стив Карел денес е препознатлив по улогата на Мајкл Скот во култната серија „Канцеларијата“ (The Office), но малкумина знаат дека речиси ја пропуштил шансата што му донесе светска слава.
Препорачано
Карел откри дека во периодот кога се подготвувала американската верзија на серијата, неговиот колега Пол Рад му дал совет кој можел целосно да му ја промени кариерата.
„Се сеќавам дека ме повлече настрана и ми рече: ‘Не го прави тоа, човеку. Не оди на аудиција. Нема шанси тоа да успее’“, раскажа Карел во поткастот на Ејми Полер.
Во тоа време, холивудската индустрија била скептична кон проектот, особено поради успехот на британската верзија создадена од Рики Џервејс. Многумина сметале дека новата верзија ќе биде неуспешен обид да се повтори веќе докажан концепт.
Сомнежите не биле без причина. Според Карел, првата епизода на „Канцеларијата“ добила исклучително лоши оценки.
„Тоа беше најслабо оценетата пилот-епизода во историјата на телевизијата што ја емитуваше“, откри актерот.
И водителката Полер призна дека и самата била убедена дека станува збор за лоша идеја.
„Сите ја гледавме британската верзија и ја обожававме. Кога слушнавме дека ќе се прави американска верзија, помисливме: ‘Ова е ужасна идеја. Никој не може да биде како Рики Џервејс’“, рече таа.
Сепак, нејзиното мислење се променило кога дознала дека Карел ќе ја толкува главната улога.
И покрај почетниот скептицизам, „Канцеларијата“ подоцна стана една од најуспешните и највлијателни комедии, а ликот на Мајкл Скот го вброи Карел меѓу најпознатите телевизиски актери во светот.


