Обвинение за Борче Марковски, најголемиот добитник на тендери во РЕК и конзул со сеф во Белград
Битолското обвинителство поднесе обвинение против бизнисменот и конзул во Белорусија Борче Марковски сопственик на компанијата „Марковски компани“ која ги добиваше најголемите тендери од ЕСМ и РЕК Битола и уште седум други физички лица и неговата фирма.
Препорачано
Обвинетите директори и раководители на подружници на РЕК Битола, како и директорот на комбинатот му наместиле тендер на Марковски за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК Битола, вреден речиси 1, 5 милиони евра.
Всушност раководството иако знаело дека таквиот транспортен систем кој требало да се воспостави за рудата во РЕК, спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ го навеле Управниот одбор да го измени годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови ги наместиле само за „Марковски компани“.
– Марковски пак со двајца вработени поднеле невистината документација.Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство од член 275-в, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик – соопшти Јавното обвинителство.
Со обвинението, јавниот обвинител предложил да биде одземен износот од околу 1,7 милиони евра со ДДВ кои и биле исплатени на компанијата како резултат на сторените кривични дела.
-За таа цел, обвинителството во текот на постапката, користејќи и инструменти на меѓународна правна помош, лоцираше и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки. Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација – велат од Обвинителството.
Марковски поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Тој е во притвор и се бара да му биде продолжена оваа мерка.
-Исто така, обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за овој обвинет со цел негово обезбедување во текот на судската постапка – се дополнува во соопштението.


