фото: Профимедиа/Берзата во Франкфурт

Британија ќе оди во рецесија ако пукне меурот на вештачката интелигенција, предупредува Банката на Англија

Ендрју Бејли предупредува на „троен удар“ од ризици, бидејќи компаниите за вештачка интелигенција сега сочинуваат половина од американскиот S&P 500, во споредба со една четвртина во 2022 година.

Централната банка на Англија денеска предупреди дека Велика Британија е во опасност од рецесија ако пукне меурот на вештачката интелигенција, бидејќи инвеститорите сè повеќе ги вложуваат своите пари во технолошки акции, пренесе „Гардијан“.

Корекцијата на цените на акциите со вештачка интелигенција, поттикната од промената во продуктивноста и профитабилноста кај компаниите предводени од технологија, би можела да предизвика пад од 2,2 проценти на БДП на Велика Британија, предупреди Банката денеска во својот извештај за финансиска стабилност.

„Ризикот од остра корекција на пазарите на акции останува висок“, рече гувернерот на Банката на Англија, Ендру Бејли, предупредувајќи на „троен удар“ од ризици поврзани со вештачката интелигенција за економијата: преголеми облози на акции со вештачка интелигенција, побавно усвојување на технологијата од предвиденото и прашања за тоа кои фирми ќе бидат победници во секторот на долг рок.

Сепак, Бејли отфрли какви било нови регулативи или политики за ублажување на ризиците за финансиска стабилност од високите вреднувања во секторот, наместо тоа тврдејќи дека Банката има потреба од подобро разбирање на последиците врз финансиската стабилност.

Хеџ фондовите се натрупаа во полупроводници и други акции поврзани со вештачка интелигенција во последните месеци, додека компаниите за вештачка интелигенција сега сочинуваат половина од американскиот S&P 500, во споредба со една четвртина во 2022 година, заедно со брзиот раст на берзите во Тајван и Јужна Кореја.

Дополнително, малопродажните инвеститори кои сè повеќе ги пласираат своите пари на берзата „можеби додале импулс на порастот на цените на акциите“, соопшти Банката, а Бејли додаде дека е особено загрижен за брзото зголемување на популарноста на левериџираните фондови што се тргуваат на берза меѓу штедачите.

„Иако индексите на акции во Велика Британија продолжуваат да бидат значително помалку изложени директно на компаниите за вештачка интелигенција, корекцијата на вреднувањето на овие компании сепак би можела да има значаен ефект врз глобалните пазари на акции воопшто. Ова би влијаело на макроекономијата и финансискиот систем на Велика Британија преку прелевање.“, се наведува во извештајот за финансиска стабилност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот