Напуштени бараки во Стар Аеродром претворени во депонија, граѓаните бараат итна реакција од надлежните
Состојбата е влошена во зимските месеци, бидејќи од руинираните бараки се шири силен мирис затоа што дивовселените луѓе во нив се затоплуваат со горење најлони, пластики и друг отпад. Од Општина Аеродром тврдат дека ги задолжиле сопствениците да ја одржуват парцелата.
Повеќе од една година напуштените бараки на улицата Вангел Тодоровски во Стар Аеродром се дивонаселени од ромски семејства, кои немајќи други живеалишта, живеат тука во крајно супстандардни услови. За овој проблем надлежните досега не реагираат, но се жалат граѓаните кои живеат во соседството дека просторот е претворен во депонија.
Препорачано
Како што велат, состојбата е уште повеќе влошена во зимските месеци, поради тоа што од бараките се шири тежок мирис бидејќи луѓето се затоплуваат горејќи најлони, пластики и друг отпад. Покрај тоа, тврдат дека во целиот реон има и зголемен број кучиња скитници и бараат што поитно решение на проблемот.
Време е Општината и сите инспекции – градежна, за животна средина, екологија – да се позанимаваат со овој голем проблем. На оваа улица нема ни улично осветлување иако долго време пријавување. Проблем се и искршените азбестни покриви на старите бараки, а сите тоа го дишеме – коментира еден од жителите.

Веднаш до бараките во тек е изградба на нова зграда, од која голем дел од шутот исто така завршува на овој простор. Поради сето тоа граѓаните кои живеат во близина бараат итно решение и апелираат до Општината да им наложи на сопствениците на напуштените објекти да ги иселат луѓето кои се диво вселени и да го исчистат просторот.
Од Општина Аеродром велат дека знаат за проблемот и тврдат дека сопствениците имаат таква обврска.
Општина Аеродром ги има задолжено сопствениците да ја одржуваат посочената парцела. Парцелата во повеќе наврати е исчистена од страна на сопствениците, а воедно е поставена и ограда. Инспекциската служба на Општина Аеродром врши редовни контроли за следење на состојбата на терен и за почитување на законските обврски – велат од Аеродром, иако на терен освен што просторот е ограден со лимени тараби не се забележува дека нешто е исчистено.
На прашањето дали и што ќе се гради на местото на бараките и кога, затоа што штом објектите се оставени во ваква состојба обично се чека нова изградба, од Аеродром потврдуваат дека на овој простор во иднина ќе има зграда
На тоа место е предвидена изградба на објект за колективно домување согласно со деталниот урбанистички план од 2012 година – одговараат од Општината.
Но, неизвесно е кога тоа ќе биде и дали дотогаш ќе се најде решение со семејствата, кои во бараките нашле прибежиште.
Како што е познато државата и надлежните служби досега не го решија проблемот со згрижувања и обезбедување сместување за луѓето кои со години бесправно живеат во објектот на некогашната установа за згрижување деца и младинци „Ранка Милановиќ, кој е исто така претворен во депонија.
Нема решение и за ромските семејства кои живеат во импровизирани живеалишта на депонијата „Вардариште“, иако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски деновиве се пофали дека започнало чистење на површинскиот слој на депонијата, без да ги спомне луѓето кои живеат таму.


