Македонија ја совлада Грузија и ја продолжува борбата за повисок пласман
Машката младинска кошаркарска репрезентација на Македонија одигра одличен натпревар и со убедливи 77:62 ја совлада селекцијата на Грузија во првиот натпревар од разигрувањето за пласман на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава, Словачка.
Препорачано
Избраниците на селекторот Никола Велев уште од самиот почеток го наметнаа својот ритам и со одлична игра во двата правци не му дозволија на добро познатиот ривал да се надева на позитивен резултат. По првата четвртина Македонија имаше предност од 22:16, а уште поубедливото издание во вториот период донесе високи 53:35 на полувремето.
Македонските младинци продолжија во ист ритам и по големиот одмор. До средината на третата четвртина предноста порасна на 68:42, а на крајот од периодот резултатот беше 78:53, со што практично беше решено прашањето околу победникот. До последниот звук на сирената, нашите кошаркари не го намалија интензитетот, туку ја зголемија разликата за конечни 97:62 и убедлив триумф.
Дури петмина македонски репрезентативци натпреварот го завршија со двоцифрен број поени. Марко Луканоски беше најефикасен со 16 поени (имаше и шест скока). Трајанов и Димитриев постигнаа по 13 поени, додека Марјановиќ и Младеновски реализираа по 11 поени.
Со оваа убедлива победа, Македонија обезбеди место во разигрувањето за пласман од деветтото до 12. место на Европското првенство. Следниот противник на нашата репрезентација ќе биде победникот од натпреварот меѓу Холандија и Кипар, во борбата за што повисок конечен пласман во Братислава.


