ВИДЕО | Нов вид на мајмун со портокалови усни пронајден по децении криење во висините на шумите во Конго
Во шумите на Демократска Република Конго, новооткриениот мајмун, кој има впечатливи розово-портокалови усни и црно лице, е потврден како нов вид за науката, објави Би-би-си.
Препорачано
Приматот со црно крзно бил забележан и фотографиран скриен во високите крошни на дрвјата во густите тропски шуми во Националниот парк Ломами, во централниот источен дел од земјата. Конзерваторите кои работат таму првпат објавија дека го виделе ова необично животно уште во 2008 година. Но, тие направиле само една заматена фотографија.
По уште едно видување 10 години подоцна, меѓународен тим се зафатил да го пронајде и проучи мајмунот и открил дека станува збор за претходно непознат вид. Ова е само петтиот вид африкански мајмун откриен во последните 75 години.
Џуниор Амбоко, докторант на Универзитетот Флорида Атлантик, одиграл водечка улога во потрагата, која вклучува аудио снимки, фотографија и детални генетски студи, а наодите беа објавени во списанието „PLoS One“. Амбоко изјавил дека е „неверојатно чувство“ да се погледне во лицето на животно за кое толку малку луѓе знаеле дека постои.
„Откривањето“ на вид, во овој контекст, значи официјално евидентирање и потврдување дека еволуирал за да биде генетски различен. Некои локални жители веќе знаеле за постоењето на мајмунот и го нарекуваат со заедничко име – Ликвели.
Амбоко изјавил дека мајмуните биле „малку срамежливи“ – и имале тенденција да се кријат високо во дрвјата.
„Како дел од нашето пребарување, интервјуиравме луѓе во 52 села во близина на местото каде што живеат животните. И само луѓе во осум села ги виделе“, се присетил тој.
Истражувачкиот тим – од Конго, САД и Германија – му го дал на животното латинското име „Colobus congoensis“ во знак на признание за природната разновидност во земјата.
„Ова се навистина важни африкански мајмуни кои немаат палци. Тие се тревопасни животни од крошната кои се клучен дел од екосистемот. Мислиме дека имаат многу врска со обработката на семето и ‘ртењето во шумата“, објаснила проф. Кејт Детвилер од Универзитетот Флорида Атлантик.
Се шпекулира дека нивните необични, светли ознаки на лицето би можеле да бидат визуелен сигнал за други животни, потенцијално привлечни за партнер или дека би можеле да им овозможат на животните да се идентификуваат едни со други. Мајмуните, исто така, имаат препознатлив „рикачки“ звук. Научниците тврдат дека „често ги слушате, но не ги гледате“.
Тие мислат дека животните се ретки и ограничени на дел од шумата каде што можат да ја најдат храната и живеалиштето што им е потребно. Животните се ловат за месо, па истражувачите се надеваат дека сега кога „Colobus congoensis“ е класифициран како посебен вид, може официјално да биде заштитен.
Истражувачите велат дека сè уште имаат многу прашања за овој новоопишан, таинствен вид. Тие планираат да спроведат подетално истражување за да ја проценат нивната популација и да го проучат нивното однесување.


