Едина Муса - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Едина Муса - Фото Слободен печат - Методи Здравев

МАМАВИЗИЈА | Едина Муса: Имам вдлабнатина од царскиот рез, ама тоа не е важно откако станав мајка

„Јас не можам да се чукам во гради, видете ме, јас сум Едина Муса, јас сум фитнес-тренер, видете како изгледам после породување“ – вели нашата гостинка во „Мамавизија“, една од најубавите спортистки кај нас, кошаркарката Едина Муса.

Таа минатата година стана мајка, заедно со сопругот, исто така познат кошаркар Александар Димитровски – Мачка, го добија синчето Максим. Во „Мамамвизија“ за првпат пред очите на јавноста Муса зборува за нејзината бременост, предизвиците со кои се сооочила и раскажува колку ѝ се променил животот откако станала мајка.

– Јас по природа сум човек од рутина, откако знам за себе секојдневието ми е исполнето со тие задачи, кошарка, спорт, работа… Ретко сум си посветувала време на себеси, за опуштање и релаксирање, за одмор и сл. Откако дојде Максим на свет, животот ми се промени комплетно. Што би рекла мојата другарка Елена Бубало, „се удомив“. Научив како да бидам поспокојна, да живеам во мир, осознав за себеси карактерни особини кои не сум знаела дека ги поседувам – вели Муса.

Не сте ја виделе Едина Муса во вака емотивен занес, зборувајќи за своето дете, таа се присетува како изгледала нивната прва средба.

– Јас се породив со царски рез, опоравувањето ми одеше бавно и тешко. Такви болки не сум почувствувала во животот никогаш, не можев главата да ја поместам. Но, морам да споделам една ситуација, кога ми го донеса првпат Максим. Ми го дадоа во прегратка и не можам да си објаснам, но болката како магично да ми исчезна. Прво си реков, колку чекав да те видам, цело време замислував како ќе изгледа. Знаеш, бебенце, толку време чекав да имам бебенце свое. И еве го тука е. Толку беше мал и си велам, чекај, сега ова е моето бебенце. Не знам, тоа е љубов на прв поглед. Таква љубов немам почувствувано во животов – рече нашата соговорничка.

Едина Муса - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Едина Муса – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Муса ги охрабрува мајките дека физичкиот изглед не е пресуден откако сте благословени да имате дете, тоа, како што вели е неспоредливо.

– Секоја жена има различно искуство. Има жени кои имаат проблем со хормони. Не можам јас да кажам: „Еј, јас сум Едина, видете ме како изгледам после породувањето“. Или слично. Мојот пристап беше колку што може побрзо да се вратат да бидат физички активни. Верувам дека, какво и да е телото, по породување, со трпение, со време, со здрав начин на живот и со активност, може да се среди доколку се сака.

Муса споделува и за сопствените недостатоци кои гордо ги носи туркајќи ја бебешката количка.

-Имав и јас голема промена откако се породив, тој делот кај стомакот, секако дека требаше време да се врати сè тоа во нормала. Исто така, кај резот, иако јас сум вратена во форма, кај резот пак има малце што се одвојува, не е вака стомакот рамен, туку кај што е резот има вдлабнатина. И можеби на почетокот се нервирав, си велев: Леле, види како ќе ми стои, се познава со хеланки. Меѓутоа, верувајте, ако треба да одберам да имам дете и да го родам живо и здраво, па што сака нека биде – вели таа.

Муса зборува за тоа колку Мачка е инволвиран во процесот на растење на синот, за нејзините промени на телото, како и за тоа колку време ѝ било потребно да се врати во форма, што ѝ донело вежбањето во бременоста и дали и на кој начин го препорачува. Муса отворено раскажува и за релацијата на Максим со Хана и Дарен, децата на Мачка од првиот брак со пејачката Тамара Тодевска.

Едина Муса - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Едина Муса – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Гледајте „Мамавизија“ на јутјуб-каналот на „Слободен печат“. Водител и автор е Александра Вуксановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот