Зошто златото и среброто достигнаа рекордни цени минатата година?

Златото и среброто ја завршија минатата година со историски силен раст, бележејќи најголеми годишни добивки уште од 1979 година. Цените на благородните метали достигнаа рекордни нивоа, поттикнати од геополитички тензии, економска неизвесност и очекувања за промени во глобалната монетарна политика. Цената на златото годинава порасна за повеќе од 60 проценти, достигнувајќи рекорд од над 3.867 евра по унца. Иако по католичкиот Божиќ беше забележан благ пад, во новогодишната ноќ златото се тргуваше по цена од околу 3.698 евра по унца.

Среброто, исто така, имаше исклучително успешна година. На Нова година се тргуваше по цена од околу 63 евра по унца, откако неколку дена претходно го достигна својот историски максимум од 71,08 евра по унца. Експертите посочуваат дека овогодишниот раст е резултат на комбинација од неколку клучни фактори. Инвеститорите сè повеќе се насочуваат кон таканаречените „сигурни засолништа“ поради глобалните политички тензии и економската нестабилност. Истовремено, централните банки ширум светот значително ги зголемија резервите на злато, додека пазарите очекуваат дополнителни намалувања на каматните стапки.

„Цените на златото и среброто бележат значителен раст поради заемното дејство на економски, инвестициски и геополитички фактори“, изјави Ранија Гуле од трговската платформа XS.com.

Според неа, главен двигател е очекувањето дека американската централна банка Федералните резерви ќе продолжи со намалување на каматните стапки и во 2026 година. Податоците на Светскиот совет за злато покажуваат дека централните банки годинава додале стотици тони злато во своите резерви. Кога станува збор за среброто, Данјел Такиедин, коосновач на инвестициската компанија Sky Links Capital Group, ја истакнува ограничената понуда и силната индустриска побарувачка како клучни фактори за растот на цената.

Особено влијание има Кина – вториот најголем производител на сребро во светот која најави ограничувања на извозот на овој метал. Во октомври, кинеското Министерство за трговија воведе нови мерки за ограничување на извозот на сребро, волфрам и антимон, со цел, како што наведоа, „заштита на ресурсите и животната средина“. На ова реагираше и извршниот директор на „Тесла“, Илон Маск, кој на социјалните мрежи кратко напиша:

„Ова не е добро. Среброто е неопходно во многу индустриски процеси.“

Дополнителен притисок врз цените доаѓа и од големиот прилив на капитал во берзански тргуваните фондови (ETF). Овие фондови им овозможуваат на инвеститорите изложеност на злато и сребро без физичко поседување на металите, што ги прави особено привлечни во периоди на нестабилност- пренесе Каматица.

Аналитичарите очекуваат позитивниот тренд да продолжи и во 2026 година, но со умерено темпо. Според Гуле, цената на златото ќе продолжи да расте, но поспоро отколку во рекордната 2025 година. Среброто, пак, има потенцијал за дополнителен раст, оценува Такиедин, но предупредува дека можни се и поостри ценовни корекции поради нестабилноста на пазарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот