Згради, станови / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

За квадрат стан во Кисела Вода платени неверојатни 2.888 евра, 45 квадрати чинеле 130.000 евра

Во првиот квартал годинава најголема постигната цена на стан изнесува 130.000 евра за вкупна површина од 45 квадратни метри, кој се наоѓа на територијата на општина Кисела Вода. За квадратен метар се платени 2.888 евра. Тоа го покажуваат податоците од денеска објавениот извештај од регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижностите за периодот јануари – март годинава според кој бројот на реализирани трансакции на пазарот на недвижности е значително намален.

Во регистарот на цени и закупнини во првите три месеци од годинава регистрирани се 712 новоизградени стана, односно станови од инвеститор, што е за 292 стана или -29 проценти помалку во споредба со четвртиот квартал од минатата година. Во Агенцијата за катастар на недвижностите досега се запишани 28.013 листа за предбележување градба, што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и набргу ќе се најдат на пазарот на недвижности.

Споредено со четвртиот квартал од 2025 година, бројот на продадени станови во првиот кавртал од 2026 година е намален за 27 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност е намалена за 23 проценти. За 23 проценти е намален и бројот на продадени куќи, a пад на квартално ниво има и кај продажбата на земјоделско земјиште и шуми за 8 проценти, како и кај продадените деловни простори за 11 отсто.

Најголем број продадени станови евидентирани во регистарот на цени и закупнини има во Општина Аеродром, каде што во овој квартал се продадени 193 стана, а најмногу куќи, 54, се продадени во Битола. Во Центар се продадени најмногу деловни простори – 22, во Кочани најмногу недвижности од типот на земјоделско земјиште и шуми – 83, во Куманово градежно земјиште – 37 продажби. Во првиот квартал регистрирани се и продажби на 151 гаража, и тоа во поголем број општини.

Од 1 јануари до 31 март годинава регистрирани се вкупно 7.757 трансакции (збир од купопродажби и закупи) и во споредба со четвртиот квартал од 2025 година бележи пад од -16,4 проценти, што укажува на намалена пазарна активност. Во овој квартал регистрирани се 4.311 продажби, 741 продажба од инвеститор и 110 откупи од Република Северна Македонија, како и 12 продажби на недвижности по пат на лицитација, односно вкупно 5.174 купопродажби на недвижности – пад за 16,9 проценти во однос на четвртиот квартал лани.

Во првиот квартал преку купопродажби истргувани се недвижности со површина од 7.492.099 квадратни метри, со вкупна достигната цена од 16.924.858.555 денари. Под закуп, пак, дадени се недвижности со површина од 2.728.415 квадратни метри, со вкупна месечна закупнина од 70.064.654 денари. Вкупната остварена финансиска вредност на пазарот на недвижности за првиот квартал од 2026 изнесува 276,3 милиони евра, што е намалување од 12,4 проценти во споредба со четвртиот квартал од 2025 година.

Најголем број продажби имало во февруари – 1.527, а најмногу закупи, 930, се регистрирани во март. Најголем број продажби од инвеститор – продажба на новоградби (стан, деловен простор, гаража и др.) регистрирани се во март – 297.

Во четвртиот квартал од 2025 година реализирани се 5.084 продажби, а во првиот квартал од 2026 година бројот е намален на 4.311 продажби. Ова претставува пад од 15,2 проценти. Продажбите од инвеститор бележат значително намалување – од 1.094 во четвртиот квартал од 2025 година на 741 во првиот квартал од 2026 година или тоа е пад од 32,3 проценти. Кај продажбите преку лицитација нема промена, во двата квартали се евидентирани по 12 трансакции. Откупот од државата бележи значителен раст од 40 трансакции во четвртиот квартал од 2025 година на 110 трансакции во првиот квартал од 2026 година. Тоа претставува зголемување од 175 проценти, што е најголемата позитивна промена во анализираниот период.

Во делот на закупите е забележан пад од 3.053 во четвртиот квартал од 2025 година на 2.583 во првиот квартал од 2026 година, односно намалување од речиси 15,4 проценти, што укажува на намалена побарувачка или активност во сегментот на закуп.

Регионалната анализа покажува дека во првиот квартал од 2026 година најголем број трансакции се случиле на територијата на општина Центар, односно 529 трансакции или за -35 проценти помалку во споредба со четвртиот квартал од 2025. Во општина Аеродром 463 трансакции или за -28 помалку, во Карпош 365 трансакции или за -23 проценти помалку, во Кисела Вода 331 трансакции или за -9,6 проценти. Во општина Битола и во општина Штип регистрирани се по 330 трансакции.

Од општините со најмалку трансакции, Вевчани има една трансакција, Арачиново четири, Центар Жупа пет, Новаци и Пласница по шест, Зрновци осум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот