Поранешен американски морнар му продал воени информации на кинески шпион, вели дека „му се поматил умот и мислел оти се пријатели“
Федерален судија во Сан Диего му изрече казна од 200 месеци затвор на 25-годишниот Џинчао Веј, поранешен морнар на американската морнарица обвинет за шпионажа.
Поранешен член на американската морнарица, осуден за продажба на технички и оперативни прирачници за воени бродови и системи на разузнавач кој работел за Кина, во понеделникот беше осуден на повеќе од 16 години затвор, објави „Еј-би-си њуз“.
Препорачано
Федерален судија во Сан Диего го осуди 25-годишниот Џинчао Веј на 200 месеци затвор. Федерална порота во август го прогласи Веј за виновен по шест точки, меѓу кои и шпионажа.
Според соопштението на Министерството за правда на САД, тој добил повеќе од 12.000 долари за информациите што ги продал.
Веј, инженер на амфибискиот јуришен брод УСС Есекс, бил еден од двајцата морнари со седиште во Калифорнија обвинети на 3 август 2023 година за доставување чувствителни воени информации на Кина.
Другиот, Венхенг Жао, во 2024 година беше осуден на повеќе од две години затвор откако се изјасни за виновен по една точка за заговор и по една точка за примање поткуп при вршење службени должности.
Американските власти со години изразуваат загриженост поради, како што наведуваат, заканата од шпионажа што ја претставува кинеската влада. Во последните години беа покренати повеќе кривични случаи против разузнавачки оперативци на Пекинг за кражба на чувствителни државни и на комерцијални информации, вклучително и преку нелегално хакерство.
Според обвинителството, Веј бил регрутиран преку социјалните мрежи во 2022 година од разузнавачки службеник кој се претставувал како љубител на морнарицата и како вработен во државната корпорација „Чајна шипбилдинг индустри корпорејшн“ . Доказите изнесени на суд покажале дека Веј му кажал на пријател дека човекот му изгледал „исклучително сомнителен“ и дека „очигледно станува збор за шпионажа“. И покрај советот да го избрише контактот, Веј ги префрлил разговорите на друга, енкриптирана апликација за пораки, за која верувал дека е побезбедна.
Во период од 18 месеци, Веј му испраќал фотографии и видеа од бродот „Есекс“, го информирал за локациите на различни бродови на американската морнарица и му давал податоци за одбранбеното вооружување на бродот. Тој му продал вкупно 60 технички и оперативни прирачници, меѓу кои и прирачници за системи за контрола на оружје, авиони и лифтови на палубата.
Документите содржеле предупредувања за извозна контрола и детално го опишувале функционирањето на повеќе системи на „Есекс“ и слични бродови.
Веј имал чин подофицер од втора класа. Според официјалната веб-страница на морнарицата, УСС Есекс е опремен за транспорт и поддршка на маринска десантна сила од повеќе од 2.000 војници при воздушни и амфибиски напади.
Во писмо до судијата пред изрекувањето на пресудата, Веј се извини и изјави дека не требало да споделува ништо со човекот „кој го сметал за пријател“. Тој навел дека „интровертноста и осаменоста“ му го замаглиле расудувањето.


