Низ Скопје возат околу 4000 таксисти, од нив само 200 се вработени: Ќе се реши ли хаосот?
Порано законот предвидуваше такси компанија со 50 возила да има 50 возачи за да добие лиценци, а сега минимум треба да имаш еден такси возач, независно од возилата. И така си стои законот и никој не го чепка, вели Сашо Рајчановски, претседател на Групацијата на такси превозници на Скопје
Со години не се надминуваат проблемите со такси превозот во Скопје, каде по улиците возат сѐ поголем број диви таксисти, а на граѓаните им е сѐ потешко да направат разлика помеѓу нив и регуларните, поради тоа што голем е бројот и на оние кои имаат жолти таблички, а не возат повеќе за лиценцирана такси компанија. Скопјани се жалат и дека тешко се доаѓа до слободно возило особено во вечерните часови и дека речиси никој не се јавува на повик за покуса релација.
Препорачано
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостување на „Топ тема“ на телевизија „Телма“ најави дека од утре ќе започне инспекцијата на дивите таксисти. Ако тоа навистина се случи инспекторите ќе имаат полни раце работа.
Дел од нив исто така користат нерегистрирани возила. Со заедничка активност на институциите очекувам подобрување на состојбата во град Скопје – рече градоначалникот.
Претседателот на Групацијата на такси превозници на град Скопје, Сашо Рајчановски ја поздравува оваа најава на скопскиот градоначалник, а на прашањето дали со него досега веќе имале средба на која проговориле за проблемите со кои се соочуваат, вели дека побарале и очекуваат Ѓорѓиевски да ги повика.
Пред десетина дена поднесовме барање за средба, имаме и решение за проблемите, односно начин како да се решат проблемите за да има интерес и државата и градот и таксистите и граѓаните. Тоа решение пред да го објавиме јавно би сакал да му го кажеме на градоначалникот – вели Рајчановски.
Тој нагласува дека со решавање на проблемот со такси превозот би се добиле и околу 2000 нови вработувања, што значи дека значителна сума од придонеси би добила државата. Но најбитно од сѐ е, како што вели, да функционираат инспекторите.
Во однос на таксито ништо не е променето. Гледаме диви таксисти, гледаме таксисти без фискални таксиметри, гледаме со секакви бои такси возила, гледаме дури и лиценцирани такси возила кои ја промениле бојата на возилата, значи секој си прави што сака. Инспекторите треба да ја вршат својата работа, а ако не ја вршат некој треба да ги санкционира, а тоа е градоначалникот – објаснува претседателот на такси превозниците.
Во однос на бројот таксисти кои возат низ Скопје, Рајчановски вели дека претпоставува дека вкупно има околу 4000 таксисти што функционираат кој повеќе кој помалку, некој вози повремено, а некој по цел ден превезува патници.
Од нив пријавени такси возачи во Агенција за вработување има 200. Има многу случаи кога возилото е пријавено, лиценцирано, ама не и такси возачот. Има такси компании кои имаат по 150 лиценци за возила, а имаат пријавено 20 возачи. Кои ги вози другите возила, дронови ли се? Не може да ги ставиме нив во бројката регуларни. Возилото како возило можеби е лиценцирано, но го вози возач што не се знае дали има возачка или не, дали е од тука или не – тврди Рајчановски.
Според него потребна е комплетна ревизија на овој вид на превоз и дека се работи за проблем кој се решава доколку се сака. Тој потсетува дека поранешниот градоначалник Коце Трајановски за 20 дена нашол решение.
Се одземаа 100 возила на диви таксисти и крај. Тогаш и бело-жолти станавме и сѐ. Очекуваме средба со новиот градоначалник за да комуницираме директно, а не преку медиуми како со поранешната градоначалничка. Има решение и тоа не бара никакви финансиски средства, го нудиме бесплатно, само треба да се сака. Таксистите сакаат, иако тоа можеби нема да му се допадне некому, инспекторите ќе имаат повеќе работа, ќе треба да се направат и некои законски измени – вели Рајчановски.
Тој објаснува дека во 2018 година се промениле неколку клучни закони кои направиле хаос во такси превозот.
Порано законот предвидуваше такси компанија со 50 возила да има 50 возачи за да добие лиценци, а сега минимум треба да имаш еден такси возач, независно од возилата. И така си стои законот и никој не го чепка. Затоа кажувам, точно знам што и како треба да се направи за да се реши такси превозот. Затоа очекувам да ме повика градоначалникот и да му образложам – објаснува првиот човек на такси-превозниците во Скопје.


