Такси возила во Скопје / Фото: илустрација / „Слободен печат“ / Драган Митрески

Инспекторите во контрола, таксистите реагираат: Вината не е само наша, Град Скопје со месеци нема огласи за лиценци

Во акцијата се привремено одземени такси-возила што со полициска придружба беа однесени на паркингот на Агенцијата за одземен имот, а скопскиот градоначалник најавува дека контролите ќе продолжат секојдневно, со уште поголем интензитет во деновите што следуваат.

Инспекторите на Град Скопје во придружба на полицијата започнаа акција за воспоставување ред со такси-превозот. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој деновиве ја најави оваа интервенција, вели дека дивите превозници, и тоа не само таксистите, туку и комбињата и автобусите што со години превезуваат патници без лиценци, без контрола и надвор од сите прописи, стануваат минато.

Нашата цел е јасна и недвосмислена – да се заштитат граѓаните, да се воведе фер конкуренција и да се почитуваат законите што важат за сите. Со новата акција, возилата што работат нелегално ќе бидат одземани на период од шест месеци, а Инспекторатот ќе изрекува казни со платен налог. Ова е конкретна мерка со која праќаме порака дека хаосот и безредието нема да бидат толерирани – информира градоначалникот.

Тој на социјалните мрежи сподели и видео од акцијата на кое се гледа дека такси – возила што во текот на вчерашниот ден биле затекнати додека нелегално работат во Скопје, со полиција се однесени на паркингот на Агенцијата за управување со одземен имот.

Фото: Принтскрин

Проблемот со дивите таксисти е голем во главниот град и нивниот број постојано се зголемува, меѓу другото поради тоа што во изминатите години инспекциите слабо вршеа контрола во оваа дејност.

Ѓорѓиевски најавува дека сега контролите ќе продолжат секојдневно, со уште поголем интензитет во деновите што следат.

Целта не е да казнуваме по секоја цена, туку да создадеме здрав систем во кој секој што работи ќе работи легално, одговорно и во интерес на граѓаните. Со воспоставување ред во оваа дејност, скопјани конечно ќе добијат сигурен превоз. Без импровизации, без ризици и без страв дека превозот што го користат е небезбеден или нерегулиран – вели првиот човек на Скопје.

Тој додава дека Скопје мора да биде град во кој законите важат за сите, во кој редот е правило, а не исклучок и град во кој граѓаните ќе се чувствуваат заштитени, а институциите ќе си ја вршат работата професионално и бескомпромисно.

Низ Скопје возат околу 4000 таксисти, од нив само 200 се вработени: Ќе се реши ли хаосот?

Деновиве и претседателот на Групацијата на такси-превозници во Скопје Сашо Рајчановски укажа дека тоа што инспекторите не си ја вршеле добро работата е една од причините за хаосот и проблемите во такси-превозот. Меѓу другото, тој посочи дека се потребни и измени на законите со кои би се решиле дел од проблемите.

Од друга страна, со допис во нашата редакција се обратија таксисти што сметаат дека суштински дел од причините за хаосот во такси-превозот, не се по вина на такси-компаниите, туку произлегуваат од работењето на градската администрација.

Според Законот за превоз во патниот сообраќај, авто-такси превоз на патници може да вршат само правни и физички лица што имаат лиценца и извод од лиценца издадени од надлежната единица на локална самоуправа, односно за главниот град тоа е Градот Скопје. Условите и постапката за издавање авто-такси лиценца дополнително се уредени со подзаконски акти и правилници на Градот.

Во практика, постојат голем број фирми што основале трговско друштво, набавиле нови возила, вградиле фискални таксиметри и фискални апарати, ги баждареле уредите и поседуваат соодветни сертификати (М6), вработиле возачи и ги почитуваат трудовите и даночните прописи и на тој начин ги исполнуваат сите услови што ги бара Законот и актите на Град Скопје за вршење такси-превоз. Сепак, и покрај тоа што ги исполнуваат законските услови, овие фирми со месеци чекаат Градот Скопје да распише јавен повик за доделување лиценци/изводи, бидејќи без таков повик, тие формално не можат да поднесат барање и да се стекнат со лиценца – велат таксистите.

Поради тоа, како што наведуваат во својата реакција, фирмите се доведени во ситуација да избираат да чекаат неколку месеци без да работат и притоа да трпат директни финансиски загуби (лизинг, кредити, плати, придонеси, даноци, осигурување, одржување на возила), или да излезат на терен и да работат без издадена лиценца, со што влегуваат во зона на прекршочна и друга одговорност и ризикуваат да добијат казни, да им биде одземено возилото, да добијат забрана за работа и слично.

Слободен печат - Таксисти / Фото - Методи Здравев .
Таксисти / Фото: Слободен печат / Методи Здравев

Тие бараат Град Скопје редовно и навремено да објавува јавни повици за авто-такси лиценци, со што би се намалил просторот за диви таксисти и би се охрабрило законското работење. Воедно, на тој начин би се заштитиле фирмите што работат според Законот за превоз во патниот сообраќај и други релевантни прописи, а се доведени во подредена и ризична позиција поради административни застои.

Целта не е да се избегне законската регулатива, туку напротив – да се почитува законот доследно од сите страни, вклучувајќи ги и институциите, за да се спречат хаос, сива економија и уништување на легалните такси-компании – велат таксистите во својата реакција.

Последниот јавен повик на Град Скопје поврзан со таксистите беше за распределба на слободни изводи од лиценци за авто-такси превоз на патници на територијата на Скопје објавен на 1 август годинава, значи пред четири месеци. Со него требаше да се распределат 300 слободни лиценци, од кои 240 за еколошки такси-возила со ниска емисија на штетни гасови. На повикот можеа да се пријават постојните и идни вршители на авто-такси дејност, а како што беше наведено, колку и да звучи чудно, слободните лиценци се доделуваа по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот