Трамп вели дека војната во Украина „нема никакво влијание“ врз САД, ама ќе помогнел да заврши
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе продолжи со напорите да се стави крај на руската војна против Украина, иако оцени дека војната „нема никакво влијание“ врз Соединетите Американски Држави, пренесува Киев индепендент.
Препорачано
Обраќајќи им се на новинарите по билатералната средба со емирот на Катар, Трамп рече дека Русија треба да се согласи на мировен договор, одговарајќи на прашањето како би изгледал потенцијалниот мировен договор.
„Видете… Русија треба да постигне договор“, рече Трамп.
На прашањето дали Украина и натаму ќе биде приоритет на неговата администрација, Трамп посочи дека таа ќе биде ставена во втор план, додека Вашингтон е фокусиран на Иран.
„Ќе видиме. Во моментов сме фокусирани, односно бевме фокусирани на Иран. Тоа ќе остане во позадина, во ретровизорот, но ние ќе бидеме… Видете, ние немаме никаква врска со тоа“, додаде тој.
Трамп понатаму изјави дека војната има многу мало директно влијание врз Соединетите Американски Држави.
„Тоа нема никакво влијание врз нас, освен што продаваме оружје. Ние сме илјадници километри далеку“, посочи претседателот.
И покрај овие коментари, Трамп тврди дека останува посветен на завршување на војната.
„Единствената причина поради која сум вклучен е тоа што не сакам да гледам како секој месец умираат 25.000 луѓе. Млади луѓе, кои штотуку го започнуваат својот живот… Целата работа е апсурдна. Затоа – да, ќе направам сè што можам“, додаде тој.
Изјавите на Трамп дојдоа по неговата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, одржана на маргините на самитот Г7. Средбата, која траеше околу 30 минути, беше прва средба лице в лице меѓу двајцата лидери по повеќе од четири месеци, додека Киев се обидува повторно да ги оживее застојаните мировни преговори.
Трамп по средбата со Зеленски: Русија мора да постигне мировен договор
За време на состанокот, Зеленски изјави дека ги ставил во фокус потребите на Украина во областа на противвоздушната одбрана, вклучително и можноста земјата да добие лиценци за домашно производство на противбалистички системи и ракети.
Според Зеленски, американскиот претседател позитивно ја примил таа иницијатива.
Нивната средба се случи во време на засилени напади на Русија врз Украина, која, пак, периодов главно цели кон руски рафинерии и нафтени складишта. Русија синоќа нападна неколку украински градови, при што загинаа најмалку пет луѓе.
Обвинителството во Доњецката Област, кој е главното жариште на фронтот во Украина, соопшти дека три луѓе загинале во два бомбашки напади врз градот Словјанск. Повредени се уште пет луѓе. Во југоисточниот украински град Запорожје, пак, националната полиција соопшти дека бран од десетици дронови усмртил еден човек кој се наоѓал во својот автомобил, а уште седум жители биле повредени. Еден од нападите таму предизвикал голем пожар во трикатна зграда, при што жителите останале заробени внатре.
Русија со дронови нападна неколку украински градови, убиени се најмалку пет луѓе


