Му се смени ли името на Онишченко низ процедурите за македонски пасош?

Олександар Онишченко заведен како македонски репрезентативец во јавење како Александр/Фото: Скриншот/Фејсбук

Како Русинот Александар Онишченко, по добивањето на македонското државјанство во избирачкиот список е заведен со украинско име Олександр Онишченко

Олександр Онишченко, името на несудениот македонски коњички репрезентативец, во светските бази на податоци фигурира со различни варијации на буквите кои се користат за неговото име во различни документи, дознава „Слободен печат“ од свои, добро упатени извори. Тоа може да се забележи и кога ќе се погледне дека во неговата германска компанија, кога тој ја менува својата функција од извршен директор, еднаш фигурира како Олександр, еднаш како Александр.

И неговата германска исправа не е на име Олександр Онишченко, туку Александр Онишченко. Во минатото, го сменил името од Кадиров, но при аплицирањето за македонска патна исправа и државјанство, законски би морал да ги даде најновите документи со еден идентитет.

Обработка на фотографија: Слободен печат.

Тогаш, како дојде до тоа човек што аплицирал за државјанство со името Александр, да биде внесен во македонскиот избирачки список под Олександр, украинска варијација на името? „Слободен печат“ праша во МВР како Онишченко фигурирал во барањето за државјанство, дали при апликацијата доставил превод на својот руски пасош и како фигурирал во тој пасош. Одговор не добивме ниту на прашањето дали судскиот превод бил од руски или од украински јазик.

Онишченко, судејќи по изјавата која ја даде за „Слободен печат“, во Македонија аплицирал за државјанство со руската патна исправа, односно пасош. За неа тврди дека е легална. Во тој пасош, неговото име не е Олександр, туку Александр. Со името Александар е и неговата германска исправа. Остануваат дилемите кои се правните причини поради коишто Владата на синоќешната затворена седница реши да почне постапка да му се одземе државјанството и пасошот на Онишченко врз основа на членот 14 од Законот за државјанство. Во овој член пишува дека државјанството може да се одземе ако барателот, во овој случај Онишченко, дал невистинити податоци или исправи. Во таков случај има и кривична одговорност.

Фото: Fédération Equestre Internationale (FEI.org)

Инаку, во Меѓународната коњичка федерација како македонски репрезентативец фигурира под името Александр Онишченко.

Владата го игнорира прашањето на „Слободен печат“ за тоа какви лажни документи евентуално доставил Онишченко во Македонија кога барал државјанство. Не е класифицирана информација ниту барањето за државјанство, со исклучок на личните податоци. И името со кое тој аплицирал во земјава, може да се открие и не подлежи на класификација. Сепак, институциите не го откриваат. Па, ако аплицирал под името Александр, како на крајот во системот на патни исправи станал Олександр?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот