Онишченко е изненаден што му се одзема државјанството: Им доставив валиден руски пасош и извод од родени

Онишченко (лево) во Дубаи, фотографија која тој ја испрати до редакцијата на „Слободен печат“ додека даваше интервју заедно со Лука Заложник

Владата почна постапка за одземање на државјанството на Олекснандр Онишченко, и тоа според членот 14 од Законот за државјанство кој гласи: „Решението за прием во држајанство може да се поништи по врачувањето ако се утврди дека странецот при поднесување на барањето за прием во државјанство со природување дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.

„Слободен печат“ го праша Онишченко, какви лажни исправи или невистинити податоци им дал на македонските институции во процесот на добивањето на државјанството.

-Во моето државјанство нема измама, ниту еден грам. Не знам што да кажам. Побараа од мене да ја претставувам Македонија и да помогнам во подготовката за Олимписките игри. Ако не сакаат, јас ќе го направам тоа на мој начин. Федерацијата побара од мене, Лука Заложник ме прашуваше секој ден. Ги дадов сите официјални документи при апликацијата. Мојот руски пасош и изводот од матичната книга на родените. Имам и руски и украински пасош. Кога аплицирав за македонско државјанство, аплицирав со рускиот пасош. Се натпреварував за Русија претходно. Имам само валидни докумети, не можам да имам невалидни, јас сум официјално лице, ни рече Онишченко.

Истото прашање го испративме и до МВР и до Владата, односно какви лажни исправи доставил Онишченко за да му биде одземено државјанството по тој член од Законот. Засега одговори нема.

Според информации на „Слободен печат“, во Агенцијата за национална безбедност е почната постапка за проверување на сите државјанства издадени по членот 11 од Законот за државјанство, односно за лица кои се посебен културен, спортски или научен интерес за државата, за да се види дали има пропусти и во други случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот