Граѓаните не се убедени дека казните од 250 евра ќе го намалат насилството во училиштата
Министерството за образование и наука уште пред неколку недели најави дека ако родителите не ги воспитаат своите насилни деца, тогаш ќе се удри по нивниот џеб со 250 евра. Од една страна, јавноста бара резултати против крвавите сцени од училиштата, но од друга, луѓето што ги анкетиравме немаат многу надеж дека казните ќе го спречат кругот на насилството.
Речиси 80 отсто од анкетираните граѓани одговорија „не“ на прашањето на „Слободен печат“ дали со казните од 250 евра за родителите ќе се спречи насилството меѓу децата во улиштата. Само 15,75 проценти се согласуваат дека тоа би вродило со плод, а останатите околу 5 отсто „не знаат“ што би постигнала мерката.
Препорачано
-
1
-
2
-
3

Се работи за мерка, дел од измените на Законот за основно образование, кои веќе неколку недели се „крчкаат“, па наскоро треба да влезат во собраниска процедура.
– Државниот секретар е во постојан контакт со пратениците. Веќе е донесена одлука, тие измени ќе се направат и ќе се предвиди глоба од 250 евра за родителот за секое сторено насилно дело на детето, а ќе се санкционира и одбивањето на родителот да соработува со училиштето и институциите – рече неодамна ресорната министерка Весна Јаневска.
Казна од 250 евра за родителот ако детето е насилно во училиште, најави Јаневска
Најавата за казни дојде по екстремните поединечни случаи, кои периодов ја брануваат јавноста. Деветтоодделенец од скопската населба Ченто беше во критична состојба, откако поранешен ученик го избоде во училиштето, а реакции имаше и кога деветтоодделенки насилно тепаа основка во Ѓорче Петров.
Младите насилнички од Ѓорче Петров може да бидат пратени во поправен дом
Додека Јаневска е на ставот дека агресијата на децата не произлегува од образовните установи, туку од дома, од друга страна, во јавноста се отвори дискусија колку врсничкото насилство може да се реши со униформирана казна, или треба да биде системски решено. Особено што сериозните образовни системи булингот не го третираат како „семејна грешка“, туку како ризик за безбедноста, развојот и учењето на децата.
„Насилството не може да се припише само на една страна. Секој чинител како училишта, наставници, стручни служби, родители и ученици има незаменлива одговорност. Само преку вистинска соработка, превенција, навремена интервенција и личен пример на возрасните можеме да создадеме безбедна, емпатична и одговорна училишна средина. Децата најмногу учат од нашите постапки, а не од зборовите“, порачаа од „Меѓаши“ на панел дискусија за безбедност во училиштата.
Професорот Илија Ацевски во гостување на Телма предупреди дека насилството меѓу децата е тесно поврзано и со влијанието на интернетот. Според него, младите поминуваат и до осум часа дневно онлајн, каде го формираат својот модел на однесување. Кога тоа ќе се комбинира со слаб родителски надзор, неподготвен образовен систем и недоволна институционална поткрепа – се создава средина каде насилството полесно се развива.
Комуникоголог Бојан Кордалов за „Слободен печат“ посочи дека родителите не треба да бидат оставени сами, без поддршка во процесот. Особено што денес, објасни тој, двапати им е потешко отколку пред 30-40 или 50 години.
– Денеска родителите ги имаат истите одговорности – за домашно однесување и основни животни вештини, но имаат и улога заеднички со децата да изградат заштита во дигиталниот свет. Тоа е двојна одговорност. Затоа не сметам дека целиот товар треба да падне на нив. Сите сме одговорни како возиме автомобил, нели, но државата има сообраќајни правила, за да направи безбедност за сите. Оттука, улогата на институциите е да бидат поддршка на родителите – нагласи Кордалов.
Социјалните мрежи знаат да бидат опасни, а избрзаната забрана уште поопасна
Инаку, истражувањата за врсничко насилство направени во Македонија покажуваат дека секој десетти ученик бил жртва на малтретирање во училиште, а секој шести се соочил со сајбер насилство. Годинава, до МОН биле пријавени 34 случаи на врсничко насилство.
Затоа е воспоставен механизам, односно, случаи на насилство меѓу ученици можат да се пријават директно во МОН, за што е отворена посебна е-адреса [email protected]. Може да се пријави и во Државниот просветен инспекторат или директно во училиштето кај наставник, педагог, психолог и директор. Тие, пак, се должни да достават информација до МОН и во посложени ситуации до Министерството за внатрешни работи и центрите за социјални работи.


