Младите насилнички од Ѓорче Петров може да бидат пратени во поправен дом
За овој случај ќе се води постапка според Законот за правда на деца, бидејќи сторителите се деца во судир со Законот и може да добијат воспитни мерки. Мерките се различни, од засилен надзор на родител до упатување во воспитно-поправен дом, а имаме таков во Тетово, ни објасни професорката Гордана Лажетиќ.
Од засилен надзор на родител до упатување во воспитно-поправниот дом во Тетово. Ова се мерките што може да им се изречат на малолетничките кои малтретираа 13-годишно дете во скопската населба Ѓорче Петров, откако еден месец по нападите Министерството за внатрешни работи поднесе кривични пријави против четири малолетнички, три на возраст од 14 години и една седумнаесетгодишна. Тие се товарат за кривичното дело насилство, за кое е предвидена казна од три месеци до три години, но со оглед на тоа дека се малолетни, постапката против нив ќе се води според Законот за правда на децата, па ако има судење тоа ќе биде затворено за јавноста.
Препорачано
Лажетиќ: Со социјалните медиуми имаме проблем како општество
Професорката на Правниот факултет „Јустинијана Прима“ при УКИМ и претседателка на Државниот совет за превенција на детско престапништво Гордана Лажетиќ, за „Слободен печат“ објаснува дека судот ќе го цени и ќе го утврди степенот на кривичната одговорност.
– За овој случај ќе се води постапка според Законот за правда на деца, бидејќи сторителите се деца во судир со Законот и може да добијат воспитни мерки. Тие мерки се различни, од засилен надзор на родител до упатување во воспитно-поправен дом. Тука има една лепеза мерки, меѓутоа, најстрогата е упатување во воспитно-поправен дом, а за тоа имаме услови во домот во Тетово – ни објасни Лажетиќ.

Таа дополни дека судот ќе оцени на кој начин е сторено делото, кои се отежителни околности (делото е снимано и споделено на социјалните мрежи), ама ќе цени и колку жртвата придонела за насилството.
– Треба да се внимава на семејната состојба, затоа што мерката засилен надзор од родител не секогаш дава резултат. Таа најчесто се изрекува, ама не секогаш дава резултат. Треба да се види која е соодветна според околностите на случајот. Ќе зависи од однесувањето на децата што се во судир со законот пред, во текот и по делото, како и однесувањето на жртвата пред, во текот и по сторувањето на делото. Најчесто кај жртвата се гледа пред сторување на делото, односно дали придонела ова да се случи на овој начин, односно каде биле професионалните служби да го превенираат тоа ако можеле да влијаат. Тука треба да се земат предвид и социјалните медиуми што ние како родители не ги контролираме и навистина имаме проблем со тоа како општество – вели Лажетиќ.
Кривични и за родителите на девојчињата што учествуваа во инцидентот во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров нема совет за превенција
По вознемирувачкиот инцидент во Ѓорче Петров, кој беше обелоденет јавно, Државниот совет за превенција на детско престапништво излезе со реакција и уште тогаш спомена дека од исклучителна важност е формирањето на општинските совети за превенција. Иако за ова веднаш по локалните избори испратиле допис до општините – дека имаат обврска да се формираат вакви совети, во голем број општини уште ги нема или се во процес на формирање.
Формирањето на ваков Совет е на дневен ред на следната седница на Советот на Град Скопје.
– Ние, како Државен совет, имавме реакција затоа што мислиме дека тоа што општините не го исполнуваат Законот за правда на деца во делот на општински совети во делот на превенција за детско престапништво, каде што би се воочиле проблемите и би се превенирало. Не може да тврдиме дека немаше да дојде до случајот, но можеме да веруваме дека ако се воочеше проблемот, дека можеше нешто да се превенира, затоа што во тие совети има и судии и обвинители и од образование од здравство. Апелот треба да биде секоја општина да си формира совет за превенција од детско престапништво. Таков совет нема во Општина Ѓорче Петров. Според Законот за правда на деца, општините имаат обврска да формираат Совет за превенција. Ние како Државен совет по локалните избори сме ги известиле преку ЗЕЛС дека имаат обврска да формираат такви совети. Мислам дека ако би постоела таа мрежа на општински совети и ако навистина совесно работат, може да се превенира, да се увидат проблемите. Да се види дали имаме трансформација на жртва во сторител. Во некои случаи кај децата имаме таква ситуација – вели Лажетиќ.
Таа забележува дека ако системот не одговори соодветно кога има некој вид булинг, жртвата може да се претвори во насилник, односно да ја земе правдата во свои раце, а педагошко-психолошката служба во голем број случаи, под влијание на директорите, ги туркаат под ќилим ваквите случаи за да го заштитат угледот. Друг проблем се социјалните мрежи врз кои родителите немаат контрола и се чувствуваат немоќни.
Што вели статистиката
Случајот во Ѓорче Петров кога малолетнички ја гореле со цигара и ја терале 13-годишната ученичка да јаде кучешки измет ја згрози јавноста и го отвори прашањето за врсничко насилство. МВР, освен за малолетничките, поднесе шест кривични пријави и против родителите на децата кои учествувале во насилството.
Нив ги гони за запуштање и малтретирање дете, дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години. По овој случај се разбуди и Министерството за образование и наука, па сега наместо да дежураат деца и да има обезбедување, кое се плаќа скапо, по ходниците ќе дежураат наставници.
Иако постои една т.н. темна бројка на вакви инциденти, односно случаи што не се пријавуваат и за кои јавноста не знае, сепак и полициските билтени се преполни со вакво насилство. Така, според податоците од Министерството за внатрешни работи во периодот од јануари до март оваа година регистрирани се 61 случај на врсничко насилство. Најмногу од случаите, односно над 63 отсто се случиле во основните училишта во Скопје.


