Кривични и за родителите на девојчињата што учествуваа во инцидентот во Ѓорче Петров
Кривични пријави се поднесени против родителите на девојчињата кои малтретираа помало девојче во скопската населба Ѓорче Петров, а насилството потоа го снимале и го објавиле на социјалните мрежи. Оваа информација ја соопшти Министерството за внатрешни работи, но оттаму не објаснија чии родители точно се опфатени со кривичната пријава, со оглед на тоа што пријави имаше против четири малолетнички, а сега има шест пријави за родители и не откриваат дали има пријави и за родителите на девојчето кое беше малтретирано.
Препорачано
-Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе шест кривични пријави по член 201 став 1 од КЗ (запуштање и малтретирање дете) против Е.А и А.М, Е.С., Р.С. и Р.Г., С.А., В.И. и Ѓ.И., А.Т. и Т.Т., поради тоа што малолетните деца на пријавените лица извршиле кривично дело по чл. 386 од КЗ односно поради физички напад врз 13-годишната малолетничка во Ѓорче Петров – се вели во кратката информација од Министерството за внатрешни работи.
МВР поднесе пријава за инцидентот во Ѓорче петров против четири малолетнички, три на возраст од 14 години и една на возраст од 17 години добија кривични пријави за суровиот напад врз тринаесетгодишното девојче за којшто беа објавени грозоморни детали, односно дека ја тепале, ја гореле со цигара и ја терале да јаде кучешки измет. Двата инциденти се случиле на крајот на април.
Тие ќе одговараат за кривично дело „насилство“, според членот 386 од Кривичниот закон. Во овој член е предвидена казна затвор од три месеци до три години за предизвикување чувство на несигурност, а доколку делото е извршено од две или повеќе лица казната затвор е поголема. Со нив ќе се постапува според Законот за правда за децата.


