По еден месец кривични за четирите малолетнички кои се изживувале со девојчето во Ѓорче Петров – пријави и за родителите
Четири малолетнички, три на возраст од 14 години и една на возраст од 17 години добија кривични пријави за суровиот напад врз тринаесетгодишното девојче за којшто беа објавени грозоморни детали, односно дека ја тепале, ја гореле со цигара и ја терале да јаде кучешки измет.
Препорачано
Според информациите од МВР, девојчето било нападнато на 27 и на 30 март, а чиновите на насилство биле снимени и објавени на социјалните мрежи. Пријавите се поднесени по еден месец од првиот напад.
-На 29.04.2026 Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров при СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против четири малолетнички (една 17- годишна и три 14-годишни) сите од Скопје, поради основи на сомнение дека извршиле две кривични дела „насилство“ предвидено и казниво по член 386 од КЗ. Во два одделни настани, на 27.03.2026 и на 30.03.2026 година пријавените физички нападнале 13-годишна малолетничка, а видеозапис и фотографии од настаните биле објавени на социјална мрежа. Кривичната пријава е доставена до ОЈО Скопје и се постапува согласно Законот за правда за децата. Во текот на утрешниот ден (05.05.2026), СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава и против родители на инволвираните малолетници – соопшти МВР.
Тие ќе одговараат за кривично дело „насилство“, според членот 386 од Кривичниот закон. Во овој член е предвидена казна затвор од три месеци до три години за предизвикување чувство на несигурност, а доколку делото е извршено од две или повеќе лица казната затвор е поголема.
Од Левица критикуваат дека институциите се однесуваат како да станува збор за маргинален инцидент, а не за аларм што бара итна и сериозна реакција. Според информациите што пристигнале до Левица, родител на малолетничката која го предводи насилството е партиски вработен кадар во Општината, односно како што велат, лице вработено директно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ и за краток период позиционирано на повисока функција.


