Левица: Родител на малолетничката која го предводеше врсничкото насилство во Ѓорче е вработен во Општината директно од ВМРО
Врсничкото насилство врз ученичка на територијата на Општината Ѓорче Петров изминатите денови предизвика остри реакции во јавноста. Од Левица критикуваат дека институциите се однесуваат како да станува збор за маргинален инцидент, а не за аларм што бара итна и сериозна реакција. Според информациите кои пристигнале до Левица, родител на малолетничката која го предводи насилството е партиски вработен кадар во Општината, односно како што велат, лице вработено директно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ и за краток период позиционирано на повисока функција.
Препорачано
„Мерките“ што се преземени не се насочени кон расчистување на случајот, туку кон негово заташкување: бришење на фотографии со конкретното лице, инструкција истото да не се појавува на работа одреден период, координирано отсуство на целиот сектор за образование токму на седница на Комисијата каде се знаеше дека ќе се отвори прашањето за врсничкото насилство, отсуство на градоначалникот од седницата по случувањето, паѓање односно нефункционалност на веб-страницата на Општината по што исчезнуваат информации поврзани со вработената. Во меѓувреме, состојбите во училиштето не се подобруваат. Напротив, според нашите информации, малолетниците инволвирани во бруталното насилство добиваат можност да одат на екскурзија, додека родителите, од страв за безбедноста на сопствените деца, се принудени да ги повлекуваат од тие активности“, порачуваат од опозициската партија.
Во училиште, под раководство на директорката Гордана Насковска, според Левица, подолг период се случуваат низа потресувачки и непримерни ситуации.
„Советниците од Левица континуирано алармираат – за дел од нив јавноста знае, за дел не поради избегнување на двојна виктимизација на жртвите. Но, наместо интервенција, Општината систематски ги прикрива слабостите и не дозволува проблемите да се именуваат, а камоли да се решат. Најзагрижувачко во сето ова е што во центарот на институционалното однесување не се децата, туку заштитата на кадри. Децата треба да бидат највисок приоритет – тие се најранливиот сегмент и најголемата одговорност на секое општество. Кога системот избира да штити поединци наместо нив, тоа е показател за длабока девијација во вредносниот и институционалниот поредок“ посочуваат од партијата.
Затоа, како што додаваат од Левица, молкот не е опција и прикривањето не е решение. Од партијата бараат оставка од директорката Гордана Насковска, а ако таа не ја поднесе, бараат нејзино итно разрешување.


