Фото: Pexels.com / CC0

Социјалните мрежи знаат да бидат опасни, а избрзаната забрана уште поопасна

Австралија го направи првиот чекор, стана пилот-држава што ги исече социјалните мрежи за младите луѓе. Обрачот се стега и во други земји, а Македонија моментално е „против“. Тука и властите, и стручните луѓе се на иста линија – избрзана забрана може да донесе контраефект, или да ја ограничи слободата.

Дури 84 отсто од граѓаните одговорија со „да“ на неодамнешното прашање на „Слободен печат“ дали треба забрана за социјални мрежи на деца под 16 години, откако Австралија воведе вакви рестрикции од стартот на годинава.

Истовремено, повеќе од 2.500 граѓани ја потпишаа и петицијата на „Иницијатива за безбедно детство“, составена од родители, наставници и граѓани што бараат системска заштита на малолетниците во дигиталната средина.

Група родители и наставници покренаа петиција за забрана на социјалните мрежи за децата до 12 години

Државните функционери засега одмавнуваат со главата за ваква забрана во Македонија, а познавачите во областа на комуникациите и медиумите сметаат дека на каква било рестрикција треба да се пријде внимателно, без избрзување.

– Не се сомневам дека сите чувствуваат дека треба нешто да направат за да се спречат лоши содржини и девијантно однесување. Особено во денешното време многумина се обидуваат да го „прочистат“ јавниот дискурс, секој од своја страна, со постапките и мислењата со кои не се согласуваат. Но, мора да внимаваме на забраните. Тука има опасност од „униформирање“ на однесувањето. Утре може некому „ќе му се каже на сон“ дека е добро забраната да се прошири за луѓе со „вакви или онакви квалификации – забележува Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми.

Едукација наспроти ограничување

За Георгиевски, ова е сензитивна тема и мора да се земаат предвид повеќе агли. Од една страна, социјалните мрежи на младите им нудат учење, информирање, игра, дружење и самоизразување. Социјалните мрежи за денешните деца и млади се и нивните стрипови, рокенрол, филмови, култура и супкултура.

Другата страна се веќе познатите негативните ефекти – нарушено ментално здравје, онлајн булинг, разни „предизвици“, намалена концентрација, како и изложеност на манипулатори, било да се тоа за пари или лични податоци.

– Ситуацијата има онолку страни колку што има луѓе на планетата, или корисници на социјалните медиуми, а сите ние, вклучително и младите, користиме по две-три мрежи. Да, треба нешто да се направи во врска со штетните содржини и влијанието врз подмладокот на човештвото. Но, каков ќе биде ефектот од таа забрана? Сето тоа однесување од социјалните мрежи може да се замени со друга платформа, или да се префрли во реалниот живот – посочува Георгиевски за „Слободен печат“.

Еден месец без социјални мрежи: Како забраната ги менува тинејџерите во Австралија

Ако ги изоставиме посериозните инциденти, оние со трајни и смртни последици, но и криминалните злоупотреби, се отвора прашањето за едукативната страна на мрежите.

– Правиме глупости кога сме млади. Правењето глупости и грешки е дел од растењето. Дел од учењето како да се однесуваме во животот, за да стекнеме лична етика, за да се запознаеме со правилата и границите. Едукацијата е важна. Треба да се земе предвид и слободата на изразување. Иако, легитимно е и прашањето дали младите под 15-16 години се свесни за своите права и слободи, како и за нивното ограничување – нагласува тој, дополнувајќи дека ако една држава ги забрани мрежите, така товарот го става врз родителите.

За родителските работи

Токму родителите ги спомена министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој неодамна изјави дека Владата не размислува да го забрани пристапот до социјалните мрежи за децата. Андоновски оценува дека таквиот потег би бил „премногу радикален“ и би значел „мешање на државата во основните права и слободи“.

Кај нас нема ништо од забраната за социјални мрежи за деца под 15 години, Андоновски е загрижен за правата и слободите

– Ние минатата година, во рамките на проект, во сите училишта претставивме начин на контрола преку кој родителите може да контролираат кои апликации нивните деца ги имаат на своите телефони и другите уреди, колку време може да поминат со нив и кои содржини смеат или не смеат да ги следат. Сметавме дека ова е начин да ги превенираме опасностите од Интернетот, а контролата да ја задржат родителите, а да не ја преземе државата. Тоа е контролата на алатки што се исклучително приватни. Ги користат родители, деца и би било мешање на државата во домашните работи на секое семејство – изјави министерот.

Според комуникологот Бојан Кордалов, родителите не треба да бидат оставени сами, без поддршка во процесот. Особено што денес, посочува тој, двапати им е потешко отколку пред 30-40 или 50 години.

– Денеска родителите ги имаат истите одговорности – за домашно однесување и основни животни вештини, но имаат и улога заеднички со децата да изградат заштита во дигиталниот свет. Тоа е двојна одговорност. Затоа не сметам дека целиот товар треба да падне на нив. Сите сме одговорни како возиме автомобил, нели, но државата има сообраќајни правила, за да направи безбедност за сите. Оттука, улогата на институциите е да бидат поддршка на родителите – нагласува Кордалов за „Слободен печат“.

Без структура и соработка нема ефект

Во однос на социјалните мрежи, како што вели, наједноставно е да кажете дека ќе забраните. Меѓутоа, прашува, што ќе биде исходот? Дава примери од соседни земји што се обидоа со забрани, но не одеше сè по план.

За него нема сомнеж дека општествата, особено балканските, се неспремни за брзи трансформации. Посочува дека, дури и најнапредните држави не можат брзо да се преструктуираат во вештачка интелигенција, социјални мрежи и во беспрекорна заштита.

– Овде, ако се донесе закон за забрана на мрежите, кој тоа ќе го надгледува? Родителите. Кој ќе одговара ако малолетник направи некакво дело? Родителите. Секако одговорноста е на родителите. Барањето нешто државата да направи, а без тоа да биде во сојузништво и соработка со родителите и децата – нема да успее. Намерата е заштита, но ефектот ќе изостане ако нема широк и структурен пристап – вели Кордалов, кој бара да ги следиме европските пракси.

Дигитални жители, ама одговорни

Во време кога алгоритмите и дизајнот на платформите често ја експлоатираат детската ранливост, создавајќи зависност, изобличена самоперцепција и проблеми со концентрацијата, фокусот во повеќе земји е на интернет-приспособување на возраста, што означува и таков тип на содржини.

Истовремено, да се обезбеди и правна рамка што ги охрабрува децата од најмали нозе да бидат активни дигитални жители, но и свесни за последиците кои можат да ги предизвикаат со несоодветното постапување и вештини како да се заштитуваат онлајн. Правната рамка мора да биде усогласена со ЕУ-стандарди и да предвидува казни за технолошките компании кои не почитуваат правила.

Тинејџерите во Австралија тагуваат поради губењето на пристапот до социјалните медиуми: Дојде крајот

Во последните години, држави како Австрија, Шпанија, Франција, Данска и Шведска воведоа строги ограничувања за социјални мрежи за деца, а Словенија најавува забрана за деца под 15 години. Обединетите нации препорачуваат зголемување на минималната возраст, додека Европскиот парламент предлага минимум 16 години за неограничен пристап до социјалните платформи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот