Мемов се залага пензионерите да можат законски да работат, вели дека „пазарот има потреба од искусни кадри“
Пензионерите кои се во добра здравствена состојба и сакаат да останат активни на пазарот на трудот треба да добијат законска можност за вработување, особено во приватниот сектор, смета директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На денешната тркалезна маса посветена на недостигот од работна сила и можностите за активно стареење, Мемов рече дека пазарот на трудот има потреба од искусни кадри и дека пензионерите можат значително да придонесат во повеќе дејности, вклучително и во секторот на приватното обезбедување.
Тој нагласи дека Фондот за ПИОМ не носи политики, но преку своите анализи и искуства може да предложи решенија кои би помогнале во надминување на недостигот од работна сила.
Според Мемов, овозможувањето работа за пензионерите би донело придобивки и за работодавците, и за државата, но и за самите пензионери. Работодавците би добиле квалификуван кадар, државата дополнителни приходи од придонеси и даноци, а пензионерите можност истовремено да примаат пензија и плата.
Професорот Лазар Јовевски оцени дека недостигот на работна сила е едно од клучните прашања за идниот развој на државата. Според него, решението може да се бара преку увоз на работна сила или преку подобро искористување на домашните човечки ресурси.
Претседателката на Комората за приватно обезбедување, Верица Милеска-Стефановска, посочи дека секторот веќе подолг период се соочува со сериозен недостиг на работници и потсети дека во повеќе земји од регионот пензионерите можат да работат без да го изгубат правото на пензија.
Учесниците на настанот се согласија дека се потребни законски измени кои ќе овозможат поголемо вклучување на пензионерите на пазарот на трудот и ќе помогнат во надминување на недостигот од кадар во приватниот сектор.
Пензионерите ќе им плаќаат до 100 евра годишно за провизии на банките, едно семејство и над 250 евра


