Средишното зеленило на булеварите ќе се замени со лента за БРТ

Петре Шилегов на презентација на БРТ / Фото: Фејсбук

Трасата на Бас рапид транзитот ќе биде во средишната лента на булеварите, на местото на моменталниот зелен појас. Но, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на денешната презентација на БРТ рече  дека нема да биде исечено односно уништено ниту едно дрво, туку ќе бидат пресадени во рамки на страничното зеленило, кое е предвидено да се направи од двете страни на булеварот.

Возилата на БРТ ќе ги возат актуелните возачи на автобуси во ЈСП, но ќе биде потребна доквалификација.

– Имаме квалификуван кадар кој треба да се доквалификува. Безбедноста е една од главните компоненти, на новиот јавен сообраќај, така што нема да штедиме кога станува збор за безбедност во сообраќајот и безбедност на патниците. Добра страна е исто така што со еден билет ќе можете да ги користите и автобусите и возилата на БРТ, а сметам дека на тој начин ЈСП ќе почне да остварува профит. Очекувањата се дека 10 проценти од сите патници во Скопје, ќе се возат со БРТ. Со тоа, средствата со кои досега го субвенционираше Градот, ќе бидат пренаменети за нешто друго, рече Шилегов.

Тој нагласува дека целта на презентацијата е да се креира јасна претстава за јавноста, пред се за граѓаните како главни актери во урбаната мобилност, за тоа што претставува БРТ системот, како и за продобивките од овој систем, а тоа е заштитата на животната средина и подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Со БРТ се воспоставуваат две линии со коридори резервирани само за ултра-еколошки автобуси – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче, и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во една насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две рути е околу 70 милиони евра, што подразбира и набавка на возилата. Засега не се планира нова траса.

Кружните текови и фрекфентните сообраќајници нема да влијаат на брзината на движењето на БРТ, бидејќи како што беше објаснето на презентацијата, Центарот за регулирање на сообраќајот ќе има задача да му дава предност на БРТ. За таа цел, седум милиони евра од од средствата се наменети за дигитализација и сигнализација.

– Во август ќе започне тендерска постапка во две фази. При крај сме со составување на тендерска документација. Очекувам во април да биде избран изведувач, а за помалку од две години да започне со имплементирање. Втората фаза од Кисела Вода до Бутел ќе започне во 2024 година, најави Шилегов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот