Меџити ќе го урива, Ѓорѓиевски ќе го чисти – што ќе се случи со натпатникот кај Бит-пазар?
Од победата на Меџити на локалните избори поминаа речиси четири месеци, а Општината сè уште не „мрднала со прст“ за овој подзаборавен пешачки натпатник, кој со мрежи и жици е затворен за граѓаните, а вон функција се и лифтовите
Иако градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, во неговата изборна кампања најави дека доколку дојде на власт ќе го отстрани натпатникот на булеварот „Крсте Мисирков“ кај Бит-пазар, неговиот колега Орце Ѓорѓиевски последно соопшти дека Градот подготвува план за затворање на дивиот премин кај џамијата „Јаја Паша“ и повторно пуштање на употреба на надземниот премин, кој со години „фаќа прашина“ – не се користи и е во ужасна состојба.
Препорачано

Децениска нефункционалност
Натпатникот го изгради компанијата „Карпош“ АД и, како што тогаш пренесуваа медиумите, неговата изградба чинеше околу 200.000 евра, пари, кои според денешната слика се фрлени во вода бидејќи овој премин е целосно нефункционален и не е од корист за граѓаните.
Иако најавата за неговата изградба започна уште во 2008 година, преминот беше целосно изграден и пуштен во функција во 2010 година, а поголемиот дел од финансирањето беше на компанијата за рекламирање „Акцент Медиа“, од каде биле вложени 180.000 евра, додека пак остатокот го покрила Општина Чаир.

Тогаш се најави дека „Акцент Медиа“ ќе добие право на издавање рекламен простор на објектот во рок од 10 до 15 години. Тие исто така се задолжени за одржување на објектот, кој беше опремен и со лифтови што денеска се запуштени, како и сите останати делови од овој нефункционален пешачки натпатник.
Див премин преку булевар е алтернативата за чаирчани
После шеснаесет години од неговата изградба и речиси една деценија, ако не и повеќе, од неговото последно користење, натпатникот денес е валкан, затворен за преминување,а од пред неколку години пешаците и велосипедистите го минуваат булеварот „Крсте Мисирков“ преку нелегалниот и необележан премин сместен веднаш под натпатникот.
Дивиот пешачки премин е отворен со помош на откорнување на еден дел од заштитната ограда која води долж цел булевар, а поради огромната фреквенција на пешаци кои поминуваат одовде, на оваа необележана локација постојано се создава метеж и нервоза кај возачите, земајќи предвид дека немаат друга опција освен да ги пропуштат стотиците пешаци кои постојано минуваат преку улицата.

Меџити сака да го урива натпатникот
На оваа тема, во октомври минатата година сегашниот градоначалник на Чаир, тогаш кандидат на локалните избори, Изет Меџити соопшти дека по разговори со жителите и дуќанџиите, решил дека овој натпатник треба целосно да се отстрани бидејќи, споре него, човечката психологија е таква што не сака ниту надвозник ниту подвозник.
– Сè уште не сум го промовирал јавно, но го кажувам ексклузивно тука. Човечката психологија е таква што не сака ниту надвозник ниту подвозник. Дури и еснафите од Чаршија велат дека продавниците со неколку скалила не вредат за оние што се на рамно ниво – изјави Меџити.
Според него, претходниот проект со мостот не ги дал очекуваните резултати и не бил од корист на граѓаните и додаде дека тој исто така во разговор со пазарџиите, им предложил идеја со поставување нови лифтови и скали, но трговците му рекле дека тоа би била расипничка инвестиција, бидејќи ниту тие нема да ги користат.
Меџити ќе го отстранува надвозникот кај Бит-пазар, граѓаните не го користеле
Неговиот последен и конечен став беше целосно отстранување на постоечкиот надвозник и да се изгради официјален пешачки премин со семафори.
– За среќа, општината Чаир не обезбедила ниту еден денар за изградба на тој мост. Тој е изграден во замена за рекламен простор со компанијата „Акцент Медиа“ и општината нема финансиска обврска. Затоа, најдоброто решение е да се сруши мостот и да се изгради официјален премин со семафори- изјави градоначалникот за време на неговата кампања.
Од победата на Меџити на локалните избори поминаа речиси четири месеци, а Општината сè уште не „мрднала со прст“ за овој подзаборавен пешачки натпатник, кој со мрежи и жици е затворен за граѓаните, а вон функција се и лифтови. Накратко, преминот уште е целосно неупотреблив за пешаците, продолжувајќи ја долгогодишната „традиција“ на неговите претходници.

Ѓорѓиевски ќе го затвори дивиот премин, но не знае дали ќе го отвори надземниот
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, пак, на оваа тема изјави дека дивиот премин кој е отворен на булеварот „Крсте Мисирков“ итно мора да се затвори за зголемување на безбедноста на пешаците и соопшти дека Секторот за сообраќај веќе започнал со изработка на предлог-решение за овој изграден, но сепак нефункционален натпатник.
– Искрено мислам дека дивиот премин на Бит-пазар е „црна точка“ и треба да се затвори. Веќе се координираме со секторот сообраќај на оваа тема каде што им побарав, како што беше поднесено барање од страна на граѓаните но и од советниците од Влен и ДУИ, моето мислење е дека тој премин треба да се затвори бидејќи таму има натпатник кој не се користи и токму затоа сакам да го затвориме, но јас не сум стручен, има луѓе со сериозно искуство во секторот сообраќај и тие имаат рок да ми достават предлог решение и за многу брзо да започнеме со делување – вели Ѓорѓиевски.
Прашан дали по затворањето на дивиот премин, повторно ќе се исчисти и пушти во употреба натпатникот, градоначалникот на Скопје не даде конкретен одговор дали повторно ќе се отвори надземниот премин или пак ќе се наоѓа некое друго решение.
– Мостот е направен и треба да функцуонира ако пешаците го користат, но некој смислил соломоново решение дека после толку голема инвестиција и изградба на натпатник, да ги отстрани дел од безбедносните бариери, да не оди по мостот и диво да преминува преку булевар и отворил див премин. Дали мостот ќе се активира и дали ќе се затвори преминот чекам решение од Секторот Сообраќај ,од каде го чекам предлог-решението- изјави Ѓорѓиевски.

Сепак, тој ја потенцираше секојдневната опасност од овој премин за сите пешаци кои секојдневно минуваат оттука, особено најмалите кои одат во училиште и истакна дека можеби оваа промена нема да биде поддржана од сите граѓани, но според него затворањето на овој премин е најисправно решение.
-Таму има многу често сообраќајни незгоди, ќе дадам сѐ од себе до крајот на годината да го реализираме булеварот, но тоа не треба да биде прилина да чекаме некоја дополнителна незгода, затоа треба побрзо да го затвориме тој див премин. На таа локација минуваат многу дечиња и ученици. Јас разбирам дека секоја промена со која ќе воспоставиме ред на некого му го руши комодитетот, така ќе биде и за овој булевар. Ќе има поединци кои сметаат дека најисправно решение е дивиот премин, јас сметам дека најисправно решение во кое нема да биде загрозен ничиј живот, особено на учениците- изјави Ѓорѓиевски.
Очигледно судбината на овој натпатник се „крои“ во просториите на Секторот за сообраќај во Градот Скопје, од каде треба да одлучат дали надземниот премин ќе се ревитализира и повторно ќе се пушти во функција за граѓаните, или пак ќе се оствари ветувањето на Изет Меџити и овој премин ќе биде урнат и ќе отиде во „заборав“ на времето.


