ЕЕС тројно го зголемува времето на чекање на пасошката контрола
На некои европски аеродроми беа евидентирани долги редици на пасошката контрола, а некои патници пријавија дека ги пропуштиле летовите за враќање дома поради ова.
Новиот систем за контрола на границите на Европската Унија речиси за трипати го зголеми времето потребно на британските патници да поминат низ пасошка контрола, дури и откако системот беше надграден, изјави директорот на главниот аеродром во Рим, пренесува Би-Би-Си. Ова доаѓа откако компанијата „Рајанер“ ги предупреди патниците што патуваат во Европа ова лето да се подготват за подолги чекања, според Би-Би-Си.
Препорачано
Граничната полиција на аеродромот Фаро во Португалија, исто така, изјави за Би-Би-Си дека технологијата на Системот за влез и излез (ЕЕС) има технички проблеми, но нагласи дека сите редици брзо ќе бидат намалени.
Европската комисија (ЕК) објави дека прекините на повеќето аеродроми во ЕУ се ограничени и додаде дека ќе продолжи да ги поддржува земјите-членки во воведувањето на системот.
„Оваа поддршка ќе продолжи во најголема можна мера“, наведува Комисијата.
Дигиталниот систем за влез и излез (ЕЕС) бара граѓаните на земјите надвор од ЕУ што влегуваат во Шенген зоната, која вклучува 29 европски земји, да регистрираат отпечатоци од прсти и фотографија по пристигнувањето.
Овие податоци се проверуваат при напуштање на Шенген зоната.
Регистрацијата обично се врши на специјални автоматизирани уреди, „киосци“, а во некои случаи и со помош на гранични службеници – на пример, кога станува збор за деца под 12 години.
Новата постапка и уреди постепено се воведуваат од октомври.
На некои европски аеродроми беа евидентирани долги редици на пасошката контрола, а некои патници пријавија дека ги пропуштиле летовите за враќање дома поради ова.
Оваа недела, Рајанер соопшти дека „неуспешното воведување на ЕЕС системот“ предизвикало непотребни одложувања и долги редици.
Авиокомпанијата им советуваше на патниците од Обединетото Кралство да „планираат дополнително време за патување и да бидат подготвени за продолжено чекање на пасошката контрола“.
Во Рим, кој со години е една од најпопуларните туристички дестинации за посетители од Велика Британија и целиот свет, речиси сите со кои разговараше Би-Би-Си на Пјаца ди Шпања имаа некакво искуство или приказна поврзана со ЕЕС системот. Карл и неговото семејство патуваа во Рим од Јоркшир.
„Чекавме во ред два часа, од моментот кога излеговме од авионот па сè додека не поминавме низ пасошка контрола со децата. Знаев дека ќе биде лошо, но не очекував да биде толку лошо“, изјави тој за Би-Би-Си.
Дејвид, кој е во посета од Соединетите Држави со сопругата Марло, рече дека чекале во ред околу еден час.
„Затоа го пропуштивме автомобилот што требаше да нè чека, односно возачот“, рече тој.
Би-Би-Си разговараше и со луѓе кои пристигнале преку други аеродроми.
Една група слета во Барселона, од каде што пристигнаа во Рим со крстосувач.
Бари, од Бракнел, рече дека поминувањето низ пасошка контрола траело помеѓу 45 и 50 минути, бидејќи некои уреди не работеле.
Неговата пријателка Сара, која пристигнала во Барселона со друг лет, рече дека пасошката контрола траела речиси колку и самиот лет.
„Редот беше огромен, чекавме речиси еден час… Сè одеше многу бавно“, рече тој.Системот „итно треба да се поправи“
На аеродромот Фјумичино во Рим се покажа како непрактично за голем број патници да ги користат самопослужните „киосци“, и покрај фактот дека чинат 12 милиони евра (13,7 милиони долари, односно 10,2 милиони фунти), пишува Би-Би-Си.
Сега, граѓаните на Обединетото Кралство, меѓу другите, можат да ги регистрираат своите отпечатоци од прсти и фотографија на електронските пасошки порти (е-порти), наместо дополнително да користат самостојни киосци. Децата под 12 години не можат да ги користат е-портите и мора да поминат низ проверка кај граничен службеник.
Иван Басато, директор за воздушен сообраќај на аеродромот, изјави за Би-Би-Си дека интеграцијата со е-портите „значително ја подобрила ситуацијата“.
Сепак, поради сложеноста на системот, времето потребно за британските граѓани да ја поминат граничната контрола се зголеми од седум на 20 минути.
„Сè уште не сме го достигнале истиот квалитет на процесот што го имавме пред воведувањето на системот ЕЕС“, рече тој.
Басато додаде дека аеродромот е горд на својата технолошка опрема, поради што е „апсолутно неприфатливо“ патниците да чекаат еден или два часа.
„Мислам дека итно треба да ги отстраниме одредени недостатоци во системот“, рече тој.
Басато верува дека властите треба да го отстранат непотребното дуплирање на процедурите во процесот на гранична контрола.
Тој би сакал повеќе земји да почнат да ја користат апликацијата на Европската Унија за претходна регистрација на патници. Засега, само две земји ја користат – Шведска и Португалија.
Државите што учествуваат во системот имаат можност привремено да ја суспендираат примената на ЕЕС во вонредни околности.
Аеродромите и авиокомпаниите побараа од Европската комисија да им дозволи на земјите превентивно да ја суспендираат примената на системот во периоди кога се очекува особено голем број патници.
Сепак, состанокот одржан претходно овој месец не доведе до никакви промени.
Друга земја каде што патниците пријавиле доцнења поради ЕЕС системот е Португалија.


