Довчерашниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, сега ќе ја води Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата 2028“
Марјан Цветковски, кој беше на чело на Македонската радио телевизија (МРТ) до април годинава, сега е избран за директор на Фондацијата „Скопје европска престолнина на културата 2028“, објави СДК.мк.
Препорачано
Фондацијата „Скопје 2028“ ја формираше Град Скопје на 28 јануари и таа ќе раководи со сите активности поврзани со спроведувањето на манифестацијата, како и со финансиите кои се наменети за овој проект.
Цветковски со МРТ раководеше 15 години, од 2012 до април 2026 година. По завршувањето на неговиот мандат во јавниот сервис, тој веднаш добива нова јавна функција, преземајќи го раководењето со фондацијата што ќе го организира најголемиот културен проект во главниот град во наредните години.
Неговото раководење со МРТ беше предмет на јавни и политички дебати, особено поради одлуката јавниот сервис во 2015 година да не ги емитува прислушуваните разговори, познати како „бомби“, објавени од тогашната опозиција. Во 2018 година, по неговиот трет избор за директор, реагираше и Здружението на новинари на Македонија, оценувајќи дека реизборот не придонесува за реформирање и деполитизација на јавниот сервис.
Лани се случи детска песна за „голема Албанија“ да се пушти на МРТ, а исто така имаше и случај кога не беа емитувани вести, додека директорот тврдеше дека има „технички проблем“.
Ова досега не се случило – МРТ не емитуваше ТВ-дневник, а објаснување нема
Инаку, Град Скопје веќе го распиша првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти во рамки на „Скопје 2028“, со вкупен буџет од 300.000 евра. Досега не се објавени информации за избраните проекти и распределбата на средствата.
Скопје во септември 2023 година ја доби титулата Европска престолнина на културата за 2028 година. Македонската метропола ќе ја дели титулата со чешкиот град Ческе Будјејовице и францускиот Бурж.
Официјалната програма ќе се реализира на територијата на целиот град и во сите скопски општини, преку институционални и јавни културни простори.


