Фото: Граѓанска иницијатива „За пристоен Капиштец

ВИДЕО | Доста е прегласна музика и галама од кафулињата – жителите на Капиштец утре излегуваат на протест

Непроспани ноќи поради техно забави и турбо-фолк музика која ечи од околните угостителски објекти. Алкохолизирани групи кои дивеат навечер и ја кршат урбаната опрема по паркчињата. И на сето ова – неактивни институции кои не постапуваат иако имаат обврска да го заштитат јавниот ред.

Ова се причините поради кои жителите на Капиштец ќе се соберат на мирен протест, со цел, како што информираат од граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“ да се слушне и нивниот глас.

Протестот ќе се одржи утревечер, на 11 јуни, во 19 часот кај кошаркарското игралиште во паркот во Капиштец, а на него жителите излегуваат со неколку барања – почитување на законите и ефикасни инспекциски контроли, заштита на јавниот ред и мир и мирен и безбеден Капиштец за нив и нивните деца.

Додека како граѓани јавуваме, поднесуваме пријави, собираме докази и бараме решение, надлежните кои се платени од нас, со години дозволуваат проблемот да продолжи. Доста е! – посочуваат од Иницијативата.

Граѓаните од оваа населба со години се соочуваат со преголема бучава од угостителските објекти, повеќе од две децении, како што велат, се заложници на кафе-барот „Интермецо“, живеат под постојан стрес и целосна институционална игнорантност поради работењето на кафе-барот.

Скопските кафулиња „Мош“ и „Интермецо“ повторно казнети со по 13 илјади евра поради гласна музика

Неколку дена во неделата, особено во вечерните часови, музиката од локалот ги надминува сите нормални и законски дозволени граници. Наместо мир и достоинствен живот, граѓаните се принудени да живеат како заложници во сопствените домови. Како што велат, цело лето живеат со затворени прозорци затоа што од прегласната музика и галама не можат ниту да се одморат ниту мирно да живеат.

Центарци останаа без сон поради локалите во Капиштец, бараат надлежните да реагираат

Оттаму посочуваат дека во изминатите години безброј пати пријавувале прекумерна бучава и нарушување на јавниот ред и мир, по што доаѓаале полициски екипи, се вршеле мерења на звук, се поднесувале пријави, но наместо трајно решение, „Интермецо“ потоа повторно продолжува со работа.

Колку за потсетување, Општина Центар неколкупати му изрекуваше високи глоби на овој угостителски објект поради прегласна музика во износ од 6000 евра до 13.000 евра во 2023 година, а кафе-барот од Пазарна инспекција доби и повеќедневна забрана за работа за непочитување на работното време.

Трајно решение за проблемот со кој секодневно се соочуваат жителите – засега нема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот