Мицкоски ќе му ѕвонел пак на обвинителот Савески: „Тоа ми е работа“
Не знам што е чудно што јас сум се слушнал со јавниот обвинител, не можам јас да разберам. Друго се судии, судската власт е сосема самостојна. Јавниот обвинител го избираме и го предлагаме ние, како Влада, и не знам што е проблематично ако јас разговарам со јавниот обвинител, нагласи премиерот
Додека републичкиот јавен обвинител Ненад Савески не ги коментира изјавите на политичарите, а според Уставот – Јавното обвинителство е самостојно и независно од извршната власт, премиерот Христијан Мицкоски се чуди зошто се кренала толку голема врева што му се јавил на Савески за да се распраша за случајот со злоупотребите од мазутот. Овој случај јавната обвинителка Катерина Коларевиќ го затвори поради недостиг на докази, одлука што ја шокираше извршната власт.
Препорачано
Мицкоски најави дека пак ќе му се јавува на Савески, затоа што тоа му било работа, со оглед на тоа што обвинителот бил избран на предлог на Владата и изгласан од пратеничките групи од владината коалиција.
– Не знам што е чудно што јас сум се слушнал со јавниот обвинител, не можам јас да разберам. Друго се судии, судската власт е сосема самостојна. Јавниот обвинител го избираме и предлагаме ние, како Влада, и не знам што е проблематично ако јас разговарам со јавниот обвинител. Еве, конкретно ќе ви кажам – разговарав и го прашав до каде се сите овие дела и ми рече дека 80 проценти од предметите што не биле распределени, ги распределил. Тоа значи предистрага, истрага сега ќе има, тоа значи процеси. Не гледам зошто од тоа се направи врева. Сум разговарал со јавниот обвинител? Ќе разговарам и во иднина, тоа ми е работа мене, да го прашувам што е, како е, до каде е. Го предложила Владата што јас ја водам, го избрале пратеничките групи од парламентот од владината коалиција, логично е да барам отчет – рече Мицкоски во понеделникот на брифинг со новинарите.
Тој не знае точно колку кривични пријави поднеле до Обвинителството, но биле стотици, преку Државниот завод за ревизија, преку Финансиската полиција и преку други институции. И на овој брифинг, како и во минатото, Мицкоски се пожали дека имотот на ВМРО-ДПМНЕ е сè уште замрзнат.
– Очекувам да се поефикасни. Еве, нам, на ВМРО-ДПМНЕ, уште ни е замрзнат имотот и тоа во процес во кој во ниту еден момент дотогаш не ни беше предочено дека има криминал. Ќе гласате за името, ако не гласате, ќе ви го замрзнеме имотот. Осум години ни е замрзнат имотот – рече Мицкоски.
Веднаш откако Савески беше именуван за јавен обвинител, тој ѝ ги одзеде предметите „Талир“ на обвинителката Ленче Ристоска, предмети во кои е замрзнат партискиот имот. Савески образложи дека сите предмети од поранешното Специјално јавно обвинителство, но и од други обвинителства, во кои постапуваат обвинители што не се во надлежните обвинителства, ќе бидат распределени на обвинители од обвинителствата што се надлежни за тие предмети. По ваквата одлука, Ристоска, која долго беше мета на критики од власта, поднесе оставка.
Телефонскиот разговор меѓу обвинителот и Мицкоски го потврди и Савески во соопштение до јавноста.
„Јавниот обвинител на РСМ не може да спречи некого да му се јави телефонски. Вчера за првпат воопшто телефонски ми се јави претседателот на Владата на РСМ, но во разговорот во ниту еден момент не стана збор за детали од конкретен предмет, вклучително и за предметот за кој покажувате интерес. На прашање на претседателот на Владата, во разговорот му беше кажано истото што вчера беше јавно објавено од Обвинителството во медиумите – дека предметот не е рефериран во републичкото обвинителство и дека државниот јавен обвинител за одлуката дозна по нејзиното донесување. Предметниот јавен обвинител од ОЈОГОКК одлучува самостојно. Имено, во согласност со чл. 3 од Законот за јавното обвинителство, Обвинителството се организира според принципите на хиерархија и субординација, но почитувањето на овие принципи не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата. Уставно загарантираната самостојност на Јавното обвинителство се обврзани да ја почитуваат сите“ – пишуваше во писмената изјава на Савески.
Мицкоски најави дека новиот Кривичен законик ќе се носел на крајот од годинава. Тој „98 проценти бил готов, а потоа ќе се организирале јавни дебати“. Овој закон се најавува откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, со остри критики дека минатата власт го смени и со него амнестирала голем број функционери.
Панчевски формално нема да поднесе кривична – „институциите по допрен глас треба да се самоуапсат!“
Мицкоски потврди дека го повлекле Законот за јавно обвинителство по насоки на Европската комисија. Тие имале забелешки за одредени членови, па сега ќе ги минат со амандмани за да не се прават измени веднаш по неговото донесување, исто како и за Законот за Судски совет. Брисел по само два месеци го врати овој Закон, кој беше донесен во декември минатата година, бидејќи не биле вградени сите препораки од Оценската мисија од 2023 година.
Овие измени се доставени до пратениците и ќе се интервенира во делот на престанок на мандатот и постапката за разрешување на претседателот, односно заменик-претседателот на Судскиот совет, на одредбите со кои се уредува постапката за избор на член на Судски од редот на правниците, како и во делот на постапката за оценувањето на работата на судијата.


