Фото: Фејсбук

Панчевски формално нема да поднесе кривична – „институциите по допрен глас треба да се самоуапсат!“

Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски кој вчера единствено доби едногласно негативно мислење од Советот на јавни обвинители и на својот фејсбук-профил најави кривична пријава, формално нема да ја поднесе, туку очекува институциите по допрен глас да реагираат.

На прашање на „Слободен печат“ кога ќе ја поднесе кривичната пријава Панчевски вели: „Поднесена е! Мислам во време на информатичка технологија илузорно е да зборуваме за хартиена форма. Јас кажав што имам да кажам, институциите на системот по допрен глас треба да се самоуапсат!“ На дополнително прашање дали мисли на таа кривична пријава што ја објави на неговиот фејсбук- статус, тој дополнува „Во ера на електронски комуникации и широки овластувања на Министерството за внатрешни работи и Јавно обвинителство сметам дека прашањето ви е неумесно“, додава тој.

Во објава на Фејсбук, Панчевски тврди дека членовите на Советот ја искористиле службената положба и ги пречекориле законските овластувања спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство. Тој ја повика Владата да ја поништи постапката, посочувајќи дека Советот нема надлежност да врши автентично толкување на закони, туку само да ги применува.

Советот на јавни обвинители вчера одлучи дека Панчевски не ги исполнува условите од најмалку 10 години работен стаж како јавен обвинител или судија од областа на кривичното право.

Во меѓувреме, Панчевски објави документ од Основниот кривичен суд Скопје, според кој тој бил судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година. Според потврдата, тој има стаж од 12 години, 5 месеци и 20 дена – што, како што тврди, директно ги побива констатациите на Советот.

Според толкувањето на Советот, кандидатот мора да има активен стаж непосредно до денот на пријавата, додека, Панчевски тврди дека законот бара само стекнат вкупен стаж.
Панчевски дополнително посочува и на можен судир на интереси кај заменик-претседателката Марјана Илиеска, бидејќи таа е сопруга на лице што било осудено за организиран криминал во предмет во кој тој судел како судија во 2010 година. Според него, таа морала да се изземе од гласањето.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Башким Бесими во разговор за „Слободен печат“ вели дека негово право е да поднесе кривична пријава и тврди дека тие постапувале законски. На вчерашната седница никој од членовите не спомена дека Панчевски е разрешен судија и дека беше осуден на затворска казна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот