Фото: Архива на „Слободен печат“

Дисквалификуваниот Владимир Панчевски најави кривична пријава против членовите на Советот на јавни обвинители

Кандидатот за државен јавен обвинител Владимир Панчевски, кој вчера не доби позитивно мислење од Советот на јавни обвинители, најави кривична пријава против членовите на Советот на обвинители за злоупотреба на службена положба. Панчевски во два одделни Фејсбук статуси обвинува за свесно кршење на законот и вршење на „селективна правда“.

Според него, членовите на Советот на вчерашната седница на која се разгледувале кандидатурите за нов државен обвинител ја искористиле својата службена положба и ги пречекориле границите на своето службено овластување, постапувајќи спротивно на член 62 став 1 алинеја 1 од Законот за јавно обвинителство при разгледување на неговата пријава.

„Заради вистината ќе споделам со вас дека Советот на јавни обвинители денес при очи сите не направи слепи, исто како што бевме убедувани дека сме слепи едно не така одамна мрачно време за референдумот на кој не сме гласале, а бил изгласан со мнозинство. Народот не е глупав, не е ниту слеп, ниту неписмен, но е погазен, еве по којзнае кој пат. Селективната правда нема да престане, а процедурата ќе се истурка како “секое чудо за три дена”, за скоро ќе се избере нов Јавен обвинител и се ќе биде, како до сега! Криењето зад советот со вакво небулозно оправдување дека сум немал стаж е уште еден срам кој историјата ќе го запише“ вели Панчевски.

Тој јавно ја повика Владата да ја поништи постапката, тврдејќи дека Советот нема надлежност да ги толкува законите, туку само да ги применува, додека автентичното толкување е во рацете на Собранието.

Советот ѝ остави на Владата да одлучи кој од четворицата кандидати ќе биде републички обвинител – дадоа позитивно мислење за сите освен за Панчевски – Слободен печат

Советот вчера го дисквалификуваше Панчевски од понатамошниот процес, зашто констатирал дека тој не го исполнува условот од најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право.

Од друга страна, Владимир Панчевски експресно објави официјална потврда од Основниот кривичен суд Скопје, потпишана од судскиот администратор Дејан Нешовски, во која е наведено дека тој бил судија од 8 февруари 2008 до 28 јули 2020 година. Овој документ потврдува вкупен стаж од 12 години, 5 месеци и 20 дена, што директно ги побива тврдењата на Советот за недоволно искуство. Спорната точка лежи во толкувањето на Законот за јавно обвинителство, каде Советот инсистира на „активен“ и „непрекинат“ стаж до моментот на пријавување, додека кандидатот смета дека законот бара само поседување на соодветниот стаж како стекнато право.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот