Вардариште/Фото: Град Скопје

На „Вардариште“ се дупчи и ќе се одгасува депонијата: Која фирма го прави тоа и за колку пари?

Од Град Скопје досега нема одговор која фирма го изврши мапирањето на бунарите, која фирма ги прави бушотините и кога и како се избрани, ниту кога ќе биде распишан тендер за избор на компанија која ќе го врши одгасувањето и колку тоа ќе го чини Градот.

После три месеци откако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски соопшти дека површински се чисти старата скопска депонија Вардариште, пред два дена излезе со нова информација, односно дека по спроведената физибилити студија, започнува процесот на одгасување на депонијата.

Неговата објава на социјалната мрежа Фејсбук, каде градоначалникот редовно ги споделува информациите за активностите за кои тој сака да слушне јавноста, следеше еден ден откако Вардариште, после седум месеци пауза, повторно гореше.

Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ се заканија дека доколку не се испочитува договореното и не се стави целосен крај на загадувањето од депонијата, ќе бидат принудени да ги активираат блокадите.

Одговорот од градоначалникот беше дека започнало одгасувањето, а потоа депонијата ќе стане парк.

Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место. Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите. Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата – напиша Ѓорѓиевски.

ФОТО+ВИДЕО | „Вардариште“ се чисти по принципот – едниот работи, другиот одмара

На ова место, ветува градоначалникот, потоа ќе никне мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје.

По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност – додаде тој.

Граѓаните од Ново Лисиче и Аеродром летово не можеа прозорци да отворат во своите домови, ниту да ги изнесат децата да си поиграат во населбата од загадувањето од депонијата, која неколкупати гореше. Поради тоа тие протестираа и блокираа улици, па конечно, на тој начин ги размрдаа надлежните да почнат малку посериозно да се занимаваат со депонијата, по што блокадите беа ставени во мирување.

На крајот од декември од „Стоп за Вардариште“ информираа дека имале средба со Ѓорѓиевски чија цел била да се провери до каде е спроведувањето на ветените чекори и да се постават рокови за нерешените проблеми.

На средбата меѓу другото станало збор и за одгасувањето на Вардариште.

По празниците ќе биде објавена тендерска постапка од Град Скопје, која ќе трае до средината на февруари 2026 година. Целосната проектна документација, вклучително и ревизија на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде готова до крајот на мај 2026 година. Почетокот на одгаснувањето е планиран за август 2026 година, а целиот процес ќе биде отворен за медиумите и јавноста – соопштија тогаш од „Стоп за Вардариште“.

Сезоната на мирисање изгорено ѓубре во Скопје официјално почна — покрај „Вардариште“, гореше и депонијата во Арачиново

Но, сега е веќе април, а тендер според проверката на Електронскиот сајт за јавни набавки, сѐ уште не е објавен.  Од Град Скопје досега нема одговор на прашањата според која студија се прави одгаснувањето, по постојната или веќе е направена ревизија. Нема одговор ниту која фирма го изврши мапирањето на бунарите, која фирма ги прави бушотините и кога и како се избрани, ниту кога ќе биде распишан тендер за избор на компанија која ќе го врши одгасувањето и колку тоа ќе го чини Градот. На фотографиите што ги објави градоначалникот се гледа дека на бушотината работат луѓе од лабораторијата за испитување градежни материјали „Гео дизајн инженеринг“. Но нема објаснување како е избрана токму оваа фирма

Во однос на чистењето на депонијата, на терен и не се гледа некој голем напредок.

На прашањето до „Стоп за Вардариште“, како Иницијатива која во име на граѓаните контактира со Градот и градоначалникот, дали и понатаму се чисти површинскиот слој на депонијата, оттаму велат дека според последните информации од Град Скопје чистењето се спроведува кога тоа го дозволуваат временските услови.

Кон крајот на минатата година и на почетокот на оваа, и самите неколкупати забележавме активности за чистење на терен. Но, исто така, при неколку од последните посети на локацијата, не забележавме работни активности. Во меѓувреме добивме ветување дека овие денови ќе започне одгаснувањето на дивата депонија, а во текот на вчерашниот ден прочитавме вест дека овој процес веќе стартувал. Ние ќе продолжиме да надгледуваме и да го посетуваме Вардариште, и сите наши забелешки ќе ги доставуваме до институциите и до јавноста – велат од граѓанската иницијатива.

ВИДЕО+ФОТО | „Стоп за Вардариште“: Преку глава ни е веќе, сакаме резултат веднаш, а не по изборите

За тоа дали имаат редовна комуникација со Град Скопје околу активностите на депонијата, тие велат дека во последниве месеци таа е во стагнација и дека последниот состанок бил одржан на 30-ти декември. Повторно требале да имаат средба со градоначалникот во февруари, но оттогаш досега не успеале да добијат термин за нов состанок.

Она што го слушавме на досегашните состаноци ни влеваше надеж дека процесот ќе се одвива во вистинска насока. Сепак, жалиме што комуникацијата и состаноците со Градот стагнираат, иако постојано инсистираме тие да продолжат, бидејќи токму тоа е клучно за транспарентноста на целиот процес и за можноста да следиме што навистина се случува на терен – посочуваат од Иницијативата.

Оттаму, исто така, објаснуваат дека полициската патрола на депонијата во меѓувреме е тргната и апелираат до Министерството за внатрешни работи повторно да го обезбеди просторот и да ја врати редовната полициска патрола со што би се спречиле нови инциденти, како оној од пред два дена.

Тие се свесни дека целосната санација на Вардариште е долг и сложен процес и дека не може да се реши преку ноќ, па очекуваат договорените рокови да бидат испочитувани. Но, како што велат, постои јасен услов, а тоа е во меѓувреме да не се случуваат нови палења, како она од пред два дена

Доколку ваквите инциденти се повторат и здравјето на граѓаните е доведено под ризик, ќе бидеме приморани да преземеме конкретни мерки, вклучително и потенцијално повторно активирање на блокадите – велат од „Стоп за Вардариште“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот