ФОТО+ВИДЕО | „Вардариште“ се чисти по принципот – едниот работи, другиот одмара
Со денови од Градот и од кабинетот на градоначалникот не одговараат како ќе се спроведува површинското чистење на депонијата, колку време, кој ги изведува работите и дали работниците се безбедни при чистењето од испарувањата од метан и други гасови од депонијата. Нема објаснување ниту врз основа на кој проект се спроведуваат овие активности, колку пари ќе чинат, ниту каде се носи отпадот од чистењето на депонијата.
Еден паркиран багер и еден што „раситнуваше“ едно брдо од ѓубре на просторот во близина на ЈП „Лајка“, ниту еден камион каде би се товарел површинскиот отпад, ниту обезбедување, само известување дека е забранет влез на депонијата, но без контрола кој влегува, а кој излегува.
Препорачано
Ова е сликата што ја затекнавме на „Вардариште“ откако пред неколку денови скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук соопшти дека оваа депонија заминува во историјата и дека започнало површинско чистење затоа што „зборот си е збор“.

Но, според активностите на терен се чини ќе треба долго време за депонијата навистина да стане историја.
Започна површинското чистење на повеќедецениската депонија „Вардариште“. Следува процесот на одгасување, а потоа – изградба на еден од најголемите паркови на површина од 300.000 метри квадратни, по сите стандарди – напиша градоначалникот на социјалната мрежа, во една од ретките негови објави што не беше споделена од Град Скопје.
Оттогаш досега залудни се нашите обиди да добиеме попрецизна информација за спроведувањето на овој проект, кој Ѓорѓиевски го најави со две реченици, иако чистењето на депонијата е нешто што скопјани со децении го очекуваат.

Старата градска депонија, затворена со години не престана да загадува, не помина година да не се запали, а пожарот кој се случи на последниот ден од август минатото лето, резултираше со големо загадување на воздухот, затоа што депонијата цели три недели подоцна сѐ уште чадеше.
Револтот на жителите на Ново Лисиче и Аеродром, кој најдиректно го чувствува секојдневното загадување, кулминираше со секојдневни протести и блокирање улици со кои побараа итна реакција од надлежните за трајно решавање на овој проблем поставувајќи повеќе барања како што се оградување и физичко обезбедување на депонијата, камери, но и иселување на ромските семејства кои живеат на депонијата.

Граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ протестите ги стави во мирување откако им беше ветено исполнување на дел од нивните барања, а по локалните избори тие одржале и средба со Ѓорѓиевски на кои им биле претставени следните чекори на градската власт.
И наместо Град Скопје да ја информира јавноста, освен кусото известување од скопскиот градоначалник, информациите што се познати се од „Стоп за Вардариште“ по нивната средба со градоначалникот на крајот од минатата година.
Градоначалникот на Скопје вети дека по Божиќ ќе се интензивира површинското чистење на Вардариште. Не беше посочен конкретен рок, бидејќи процесот зависи од згрижувањето на ранливото население, за што е надлежно МСПДМ. Според заменик-министерот, оваа постапка треба да заврши до крајот на 2026 година, а за неа веќе постои владина одлука. Во чистењето на овој слој се вклучени: приватни компании, ЈП „Улици и патишта“ и Општина Гази Баба – соопштија тогаш од „Стоп за Вардариште“.

Според нив, како што им било речено, потоа ќе следи процес на одгаснување.
По празниците ќе биде објавена тендерска постапка од Град Скопје, која ќе трае до средината на февруари 2026 година. Целосната проектна документација, вклучително и ревизија на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде готова до крајот на мај 2026 година. – Почетокот на одгаснувањето е планиран за август 2026 година, а целиот процес ќе биде отворен за медиумите и јавноста – информира од Иницијативата, посочувајќи дека следната средба со Ѓорѓиевски е закажана за февруари.
Протести, ветувања и меѓусебни обвинувања, а „Вардариште“ сѐ уште чади и труе
Сепак, се чини дека Град Скопје и градоначалникот засега не се подготвени транспарентно да информираат за она што се случува на „Вардариште“ и покрај ветувањето дека ова градско раководство ќе функционира поинаку отколку претходното, во мандатот на Данела Арсовска.

Со денови од Градот и од кабинетот на градоначалникот не одговараат на прашањата од „Слободен печат“ како ќе се спроведува површинското чистење на депонијата, колку време, кој ги изведува работите и дали работниците се безбедни при чистењето од испарувањата од метан и други гасови од депонијата. Нема објаснување ниту врз основа на кој проект се спроведуваат овие активности, како и најавеното одгасување потоа и дали се ангажирани експерти од оваа област, односно експерти за управување со отпад.
Градот и градоначалникот молчат и за тоа колку пари ќе чинат активностите за чистење и одгасување и од каде се обезбедени средства, но и каде се носи отпадот од чистењето на депонијата. И најважното – што се презема во врска со луѓето кои таму живеат на депонијата во импровизирани живеалишта.
Скопјани заслужуваат да ги добијат овие одговори.


