Иванов: Среќен сум што одиме понатаму, се надевам дека ќе имам поголема минутажа на натпреварите
Македонската сениорска кошаркарска репрезентација веќе ја исполни првата цел во претквалификациите за Европското првенство 2029. Со убедливата победа над Ирска, нашиот национален тим го обезбеди првото место во групата „А“ и пласман во втората рунда, но пред избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал останува уште еден предизвик – гостувањето кај Луксембург в недела, со желба квалификацискиот циклус да биде заокружен со уште еден позитивен резултат.
Препорачано
Натпреварот би можел да донесе и нова можност за младите кошаркари кои ова лето се наметнаа со својата работа на подготовките. Еден од нив е Павел Иванов, кој против Ирска ги запиша првите сениорски минути во националниот дрес.
Младиот крилен кошаркар не го крие задоволството што доби доверба од селекторот Берокал и истакнува дека дебито претставува дополнителен мотив за уште поголема работа во иднина. Воедно потенцира дека репрезентацијата максимално сериозно му пристапила на дуелот со Ирска, а подготовката за противникот била еден од клучните фактори за убедливата победа.
Јакимовски: Не припаѓаме во овие претквалификации, нам ни е местото на повисоко ниво
– Му благодарам на селекторот за укажаната шанса. Се борев на тренинзите, влегов во тие 12 и бев подготвен да влезам во игра и да го дадам својот максимум. Правевме обемен скаутинг за Ирска, гледавме видеа од нивната игра. Знаевме дека се физички силна селекција, дека ќе играат цврсто и агресивно. Бевме подготвени да одговориме на истиот начин и мислам дека резултатот најдобро покажа дека успеавме во тоа – вели Павлов.
Со обезбедениот пласман во следната фаза, очекувањата се дека во Луксембург поголем простор би можеле да добијат токму помладите репрезентативци, кои веќе неколку недели се дел од подготовките на сениорскиот национален тим. Иванов се надева дека ќе ја добие и таа можност.
– Среќен сум што одиме понатаму. Овие неколку дена ќе се подготвувам максимално на тренинзите и се надевам дека ќе добијам поголема минутажа – рече Павлов.
За младиот кошаркар, како и за неговите соиграчи од генерацијата која постепено се приклучува кон сениорскиот состав, натпреварот против Луксембург ќе биде уште една можност да покажат дека можат да бидат важен дел од иднината на македонската репрезентативна кошарка, но и да придонесат Македонија со максимален ефект да ја заврши првата рунда од претквалификациите за Евробаскетот 2029.
Берокал: Еден ден ќе уживаме, а потоа ќе мислиме на Луксембург


