Фото: mkd.basketball

Македонија со изменет состав против Луксембург, Сестина подготвен за деби

Сениорската кошаркарска репрезентација на Македонија веќе е во Луксембург, каде попладнево ќе го одржи и првиот тренинг во пресрет на утрешниот натпревар против домашната селекција, последен во првата фаза од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029.

По убедливата победа над Ирска (77:56), со која го обезбедивме првото место во групата „А“ и пласман во следната рунда од квалификацискиот циклус, селекторот Жозеп Марија Берокал направи три промени во составот.

На позицијата натурализиран кошаркар, на местото на Ди-Џеј Стјуард, во ростерот за гостувањето во Луксембург е Нејт Сестина. По успешно обработениот најголем дел од подготовките со националниот тим, Сестина е подготвен за својот прв официјален настап во македонскиот дрес.

Во комбинација за настап нема да бидат Андреј Јакимовски и Марко Луканоски. Јакимовски, со согласност на стручниот штаб, доби дозвола да го напушти националниот тим поради претходно преземени приватни обврски поврзани со неговата преселба во Италија.

Берокал: Еден ден ќе уживаме, а потоа ќе мислиме на Луксембург

Од друга страна, Луканоски ќе им се приклучи на подготовките на репрезентацијата „Под 20“ години, која ги привршува подготовките за настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава. Проценката на стручниот штаб е дека неговото присуство ќе биде од особено значење за младинската селекција во пресрет на континенталниот шампионат.

Македонија ќе го одигра последниот натпревар од првата фаза од претквалификациите со 10 кошаркари во ростерот, со желба да ја забележи и шестата победа во циклусот и со максимален ефект да го заокружи успешниот настап во групата „А“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот