Француското обвинителство отвори истрага за расистичките навреди на парагвајска сенаторка кон Мбапе
Француското обвинителство отвори истрага за расистичките навреди упатени кон Килијан Мбапе од страна на парагвајската сенаторка, при што обвинителите разгледуваат можност да побараат таа да биде обвинета за тешка јавна навреда или за поттикнување омраза и насилство.
Препорачано
Париското обвинителство соопшти дека ја започнало истрагата откако Француската фудбалска федерација поднела пријава до националната единица за борба против говорот на омраза на интернет.
По болниот пораз на Парагвај од Франција на Светското првенство во саботата, Селесте Амариља, сенаторка од Либерално-радикалната партија на Парагвај, објави низа расистички навреди кон Мбапе на социјалните мрежи, пренесува „Гардијан“.
Во изјавите што Француската фудбалска федерација ги оцени како „целосно одвратни и неприфатливи“, Амариља го исмеваше Мбапе, кој го постигна голот што ја одведе Франција во четвртфиналето.
Таа го нарече Мбапе „колонизиран Камерунец кој очајнички се обидува да се претстави како Французин“ и „простак кој не научил ни да пишува“. Дополнително изјави дека парагвајските фудбалери требало да му удрат шлаканица по натпреварот.
Мбапе брзо возврати преку социјалните мрежи.
„Госпоѓо Селесте Амариља, вие сте презрена личност и недостојна за функцијата што ја извршувате. Вие не го претставувате Парагвај, земја која низ целото натпреварување покажа страст и чест“, напиша францускиот капитен.
Тој додаде дека нејзините навреди го засениле големиот успех што Парагвај го остварил на Светското првенство.
„Поради вашата непромисленост и отворениот расизам, целиот свет веќе го заборави историскиот подвиг на вашите фудбалери на ова Светско првенство, а во прв план излезе неспособна жена која испраќа најлоша можна слика за својата држава“, напиша Мбапе.
Во соопштението на Париското обвинителство наведе дека „спорните изјави наводно биле дадени поради вистинското или претпоставеното потекло, етничка припадност, националност, раса или вера на жртвата“. За ваквите дела е предвидена казна до една година затвор и парична казна до 45.000 евра.
Откако нејзините расистички објави предизвикаа реакции, Амариља објави отворено писмо до Мбапе на француски и шпански јазик.
Во писмото се обиде вината за своите изјави да ја префрли врз самиот Мбапе, тврдејќи дека била испровоцирана од неговото однесување за време на натпреварот и од неговите коментари дека Франција ги „соблекла оделата“ за да игра „валкан фудбал“ против Парагвај.
Таа изјави дека жали што го навредила Мбапе со „истите навреди“ што и самата ги добивала како личност со мешано расно потекло и додаде дека ја избришала спорната објава.
Сепак, речиси половина од писмото го посвети на критики кон одговорот на Мбапе. Побара јавно извинување од него, го обвини за родово базирано насилство поради начинот на кој ѝ се обратил и се закани со правна постапка доколку не ги повлече своите зборови.
„Кој сте вие за да ме нарекувате недостојна и презрена кога воопшто не ме познавате?“, праша таа.
Владата на Парагвај се огради од нејзините изјави, оцени дека тие се „спротивни на вредностите и принципите на мирен соживот и почитување на човечкото достоинство што ги промовира државата“.
Во соопштението се наведува дека коментарите на сенаторката „во ниту еден случај“ не го претставуваат ставот на Владата на Парагвај ниту на парагвајскиот народ.
Меѓу многуте што јавно му дадоа поддршка на Мбапе беше и францускиот претседател Емануел Макрон.
„Уште еден гол за Килијан Мбапе. Овојпат против расизмот. Ја има целата моја поддршка. Кога зборовите оцрнуваат, нашите вредности одговараат со достоинство, почит и братство“, напиша Макрон на социјалните мрежи.
Од кабинетот на Макрон соопштија дека претседателот на Парагвај, Сантијаго Пења, му испратил писмо во кое ја изразил својата поддршка и ги осудил навредливите изјави.
Роналдо се испофали самиот себе: Португалија пред мене немаше освено трофеј


