Пред Вардар е тешка задача, Купс победи во Скопје
Вардар со негатива од два гола ќе патува на реваншот во Финска, откако вечерва на домашен терен загуби од Купс со 0-2 во првиот натпревар од квалификациите за Лигата на шампионите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Македонскиот шампион не успеа да му парира на расположениот противник, кој во најголемиот дел од средбата ја контролираше играта и сосема заслужено стигна до победата. Вардар тешко создаваше шанси, а најопасниот обид во првото полувреме го имаше Закариќ во 15. минута со удар од далечина, кој без поголеми проблеми го скроти голманот Креидл.
Гостите долго ја бараа предноста, а до неа стигнаа непосредно пред паузата. По центаршут од десната страна, Брахим Магаса најдобро се снајде во шеснаесетникот и со удар со глава стрелаше во мрежата на Талески за водство од 0-1. Купс одлично го отвори и второто полувреме. Веќе на самиот старт Амрах ја зголеми предноста на 0-2, ставајќи го Вардар во многу тешка ситуација.
До крајот финскиот состав рутински го контролираше натпреварот и не му дозволи на Вардар да се врати резултатски. Дополнителен удар за „црвено-црните“ беше исклучувањето на Босанчиќ, кој во 71. и 74. минута доби два жолти картони и мораше предвреме да го напушти теренот.
Реваншот ќе се одигра за седум дена во Финска, каде што Вардар ќе има исклучително тешка задача да ја анулира негативата од два гола и да остане во игра за пласман во следната квалификациска рунда.


