„Гас“ би можел да стане најскапиот диносаурус во историјата – научниците жестоко се против продажбата
Скелетот на тираносаурус рекс, познат под прекарот „Гас“, денеска ќе биде понуден на аукција во Њујорк, каде што се очекува да стане еден од најскапо продадените фосили на диносаурус во историјата. Неговата проценета вредност достигнува 30 милиони долари, но експертите сметаат дека конечната цена би можела да биде и значително повисока, пишува „Телеграф“.
Препорачано
Станува збор за фосил стар околу 67 милиони години, кој е долг речиси 12 метри и се состои од 183 коски, што претставува околу 63 проценти од целиот скелет. Токму поради неговата зачуваност, „Гас“ се смета за исклучително вреден примерок за понатамошни научни истражувања.
Најавената продажба предизвика поделени реакции во научната заедница. Голем број палеонтолози предупредуваат дека ваквите ретки фосили треба да бидат достапни за музеите и научните институции, а не да завршуваат во приватни колекции.
„Нашето знаење за овие животни сè уште не е целосно. Продажбата на вакви фосили ја забавува науката и нашето разбирање на изумрените видови“, изјави палеонтологот Томас Кар од Колеџот „Картеџ“ во Висконсин, оценувајќи дека продажбата на „Гас“ претставува „вистинска загуба за науката“.

Од друга страна, аукциската куќа „Сотби“ и истражувачите кои ги пронаоѓаат фосилите сметаат дека долгогодишниот труд вложен во нивното откривање, ископување и реконструкција заслужува соодветна финансиска вредност.
„Гас“ бил пронајден во областа Бедлендс во американската сојузна држава Јужна Дакота и го добил името по ранчерот Гери „Гас“ Ликинг, на чиј имот бил откриен фосилот. По неговата смрт во 2022 година, скелетот на продажба го нудат неговата сопруга Дејна Ликинг и палеонтологот Томас Хајткамп, кој со својот тим три години работел на ископувањето, а уште три години на документацијата и реконструкцијата.
Потпретседателката на „Сотби“ и раководителка на одделот за наука и природна историја, Касандра Хатон, изјави дека високата проценка е резултат на исклучителната зачуваност, големината и квалитетот на фосилот, како и на долгогодишната и сложена работа потребна за негово извлекување и реставрација.
Сегашниот рекорд за најскапо продаден фосил на диносаурус го држи скелетот на стегосаурусот „Апекс“, кој во 2024 година беше продаден на аукција за 44,6 милиони долари. Доколку „Гас“ ја надмине проценетата вредност, можно е повторно да се урне рекордот на пазарот за фосили.


