Шишиња пиво/ Фото: ФриПик

Се продава најстарата пиварница во светот

Најстарата манастирска пиварница во светот, германската „Велтенбургер“, ќе биде продадена на производителот „Шнајдер Вајс“ од Минхен, како дел од консолидацијата во секторот предизвикана од остриот пад на продажбата на пиво во водечката економија на еврозоната. Пиво се приготвува во опатијата „Велтенбург“, импресивен и сè уште активен манастир на бреговите на Дунав во Баварија, речиси 1.000 години, пишува „Гардијан“.

Иако објектот сè уште е во сопственост на Католичката црква, бенедиктинските монаси пред половина век го препуштија производството на наградуваното лагер пиво и препознатливите темни пива на вработените во пиварницата „Бишофсхоф“, која исто така ќе биде продадена на „Шнајдер Вајс“. Епархијата Регенсбург и „Шнајдер Вајс“ се согласија за продажбата по повеќегодишен период во кој бизнисот на „Велтенбургер“ беше во минус, принудувајќи ја Црквата да инвестира свои средства за да го одржи бизнисот, објавија локалните медиуми. Тил Хедрих, генерален директор и на „Велтенбургер“ и на „Бишофшоф“, рече дека планираното решение би можело да го отстрани ризикот пиварницата целосно да се затвори или распадне од инвеститори „без никаква врска со регионот“, а воедно да се зачува „важен дел од баварските традиции на производство на пиво“ на долг рок.

Финансиските детали за продажбата на „Велтенбургер“ на „Шнајдер“, релативно млада пиварница основана во 1872 година, не беа откриени. Завршувањето на трансакцијата е планирано до јануари 2027 година, а сите вработени (21 од нив) ќе бидат задржани во „Велтенбургер“.

„Покрај зачувувањето на традицијата, за нас е многу важно барем дел од работните места да останат директно во регионот“, рече епископот од Регенсбург, Рудолф Водерхолцер. Пиварницата „Бишофшоф“, основана во 1649 година и со 56 вработени, ќе го прекине производството на крајот од годината, кога брендот ќе се префрли под капата на „Шнајдер Вајс“.

Производството на пивото Weltenburger ќе продолжи во историскиот манастир, додека епархијата во Регенсбург соопшти дека бара решенија за да се грижи за работниците од Бишофсхоф кои ќе ги изгубат своите работни места. Пиварницата Weltenburger соопшти дека преживеала „пожари, поплави, уништување и секуларизација, како и една светска војна“ низ вековите. Продажбата на пиво во Германија е во опаѓање, бидејќи потрошувачката на алкохол се намалува во многу западни земји, вклучително и во Велика Британија. Според податоците на главното германско индустриско здружение, прометот се намалил за една четвртина во последните 15 години.

Само во 2025 година, потрошувачката се намалила за пет милиони хектолитри, што претставува најголем пад во последните 75 години. Германскиот пазар на пиво сè уште се карактеризира со силна лојалност кон регионалните брендови, со неколку десетици национално или глобално познати имиња кои се натпреваруваат со производството на околу 1.500 мали и средни пиварници. Во повеќето земји каде што доминираат големите брендови, тие ги проголтаа помалите историски пиварници, додека само неколку занаетчиски пиварници даваат скромен отпор.

Затоа Германија, можеби изненадувачки со оглед на нејзината долга и богата традиција, нема ниту едно пиво меѓу десетте најпродавани пива во светот. Сепак, таа сè уште се гордее со најголемиот број манастирски пиварници – девет управувани од монаси или нивни вработени и десеттата, францисканскиот манастир Малерсдорф, кој е управуван од калуѓерки и продава само мал вишок пиво што тие самите не го пијат- пренесува Каматица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот