Габриела Миленковиќ, Директор на Сектор за работа со население во Комерцијална банка

Миленковиќ: Ниски надоместоци, брзи решенија и дигитална достапност добиваат граѓаните од Комерцијална банка

Личните финансии и семејниот буџет станаа важна секојдневна тема за граѓаните, особено кога бараат начин како да ги оптимизираат трошоците и да носат паметни финансиски одлуки во време на постојани економски предизвици.

Барајќи финансиско решение за своите потреби сѐ повеќе се обраќаат кај банките во земјава, што се гледа и од официјалните бројки кои покажуваат континуиран раст на кредитирањето на населението. Расте и употребата на дигиталното банкарство, особено за вршење онлајн трансакции со картички.

Со ова се менуваат и навиките на граѓаните кога станува збор за користењето услуги од банките. Тие веќе не бараат само поволни услови, туку и лесна и брза достапност и комплетно решение, без непотребни трошоци и губење време. За тоа како се менуваат очекувањата на граѓаните, кои се актуелните трендови во кредитирањето и како современото банкарство помага за полесно управување со личните финансии, разговараме со Габриела Миленковиќ, Директор на Секторот за работа со население во Комерцијална банка.

Во услови кога секое семејство ги става под лупа сите трошоци и граѓаните сè повеќе ги споредуваат понудите на банките, што влијае најмногу врз одлуката да се избере одредена банка или финансиски производ?

Современиот начин на живот, покрај сите предизвици што ги носи, има позитивен ефект врз степенот на информираност на граѓаните. Во последниве години забележуваме дека тие сѐ почесто од дома или од кое било друго место детално се информираат за финансиските производи за кои се заинтересирани преку дигитално достапните информации објавени од банките.

Ова особено е карактеристично за помладата популација, која не врши само едноставно пребарување и компарирање на понудите преку веб страниците на банките или преку известувањата што ги добива од банките, туку сѐ поактивно користат и алатки базирани на вештачка интелигенција со цел да го изберат најдобриот производ за себе.

Ова само по себе води до заклучок дека клиентите најчесто се насочуваат кон производ или кон банка која нуди најповолни финансиски услови за нивните потреби. За разлика од нив, припадниците на генерациите X и Baby boom носат карактеристика на изразена верност и најчесто банката што ја избрале за примање на личните приходи е првото место каде се обраќаат за совет при избор на најдобриот производ за своите потреби, а тоа и го добиваат во Комерцијална банка.

Во Комерцијална банка водиме грижа за сите генерации клиенти и нашите развојни процеси ги насочуваме кон дигитализација на производите и услугите, без разлика што тие остануваат достапни и преку традиционалните канали.

 Дали кога земаат кредит, главното прашање сѐ уште е „колкава е каматата?“ или клиентите денес бараат многу повеќе – брзина, флексибилност, останати трошоци и можности, јасни информации. Како Комерцијална банка одговара на овие потреби?

Како што споменав и претходно, различни клиенти имаат различни преференции, но една карактеристика е заедничка кај најголем дел од нив, а тоа е минимизирање на трошоците за користење кредит. Комерцијална банка има долгогодишен и конзистентен пристап на оваа тема, кој значи ниски трошоци или целосно ослободување од одредени трошоци поврзани со животниот век на кредитот.

На пример, еднократните почетни трошоци при земање станбен или потрошувачки кредит во банката долги години наназад се ниски и фиксни, односно Банката не пресметува процент од износот на кредитот како надомест, што претставува многу поскапа опција за клиентот.

Процентуален надоместок за станбен кредит од 100.000 евра значи многу поголем трошок од фиксен надоместок од 4.000 денари што го наплаќа Комерцијална банка, независно од износот на кредитот. Ова е многу значајно за клиентите, особено во услови кога трошоците на живот и цените на имот растат, што води до потреба од повисок износ на кредит споредено со периодот пред пет или десет години.

Често имаме и промотивни периоди во кои не се наплаќаат одредени надоместоци, што претставува дополнително финансиско олеснување за клиентите. Исто така, кај станбените кредити Комерцијална банка од своите клиенти физички лица не наплаќа надомест за годишна препроцена на недвижниот имот заложен за кредитот, ниту надомест за предвремена отплата на кредитот. Сето ова клиентите сѐ повеќе го перципираат како значајно бидејќи ги намалува вкупните трошоци за кредитот.

Брзината, исто така, станува сѐ позначаен фактор во секојдневието, па следствено и во банкарското работење. Најголема брзина се постигнува со дигиталните производи. На пример, онлајн потрошувачкиот кредит на Комерцијална банка, достапен на износ до 2,6 милиони денари, се реализира целосно дигитално, без посета на банката, а процесот од аплицирање до прилив на средствата од кредитот на сметка на клиентот трае неколку минути.

Едноставноста, која е особено изразена кај потрошувачките кредити за клиенти на Комерцијална банка, е исто така многу значаен фактор за кредитобарателите. Доколку клиентот преферира аплицирање во експозитура на нашата банка, доволно е со една посета на банката да потпише барање за кредит и согласност за повлекување податоци од Кредитното биро, по што барањето веднаш се процесира. Веќе нема потреба од заверки на документи кај работодавачот. Сето ова води кон заштеда на време и пари, што на сите нам ни е многу драгоцено.

Кои кредити се најбарани од граѓаните? Знаеме дека станбените во последните години се многу актуелни и покрај рекордниот раст на цените на становите. Дали интересот сѐ уште е голем и кои граѓани најмногу бараат станбени кредити – млади и млади брачни парови или повозрасно население?

Според нашето искуство, како и согласно сите официјални статистики во државата, доминантно учество во кредитното портфолио на граѓаните имаат потрошувачките и станбените кредити. Ова е тренд кој од година во година е сѐ поизразен. Потрошувачките кредити со тек на време ги истиснаа автомобилските кредити. Комерцијална банка нуди потрошувачки кредит до 2,6 милиони денари, кој со износот и со атрактивните каматни стапки целосно ја задоволува потребата на клиентите за купување различни потрошни добра, вклучувајќи и солиден нов автомобил.

Станбените кредити се континуирано актуелни. Ниту светските економски кризи во изминативе шест години, ниту растот на цените на недвижностите, не ја поколебаа побарувачката за станбени кредити. Ова е сосема разбирливо ако се земе предвид дека каматните стапки на станбените кредити кои ги нудиме останаа ниски дури и за време на кризите, за разлика од европските и светските искуства во овој период. Воедно, нашата традиција на поседување стан за живеење наместо изнајмување е многу значаен фактор за константната побарувачка за станбени кредити.

Интересно е дека сѐ почесто млади луѓе и млади парови самостојно купуваат свој стан користејќи станбен кредит. Тоа е најчесто за живеење и е прв стан за клиентите, што им овозможува и користење на поповолни услови од аспект на потребното учество и кредитна способност, согласно законската рамка донесена минатата година. Но, многу чест случај е фамилијарно користење кредит за купување стан, во кое се вклучуваат и родители или браќа/сестри, што укажува на сплотеност на семејствата за решавање на станбеното прашање.

Клиентите, пак, кои имаат решено станбено прашање, сѐ почесто користат станбени кредити за купување викендици, во земјата или во странство. Најчеста дестинација за купување апартман во земјата е Охрид, а во странство Грција.

Габриела Миленковиќ, Директор на Сектор за работа со население во Комерцијална банка

 Покрај за каматите, во последно време многу се зборува и за банкарските провизии. Колку клиентите денес гледаат на вкупниот трошок од користењето банкарски услуги и дали токму тука се прават најголемите разлики во понудата на банките?

Банкарските провизии се тема која е континуирано актуелна во јавноста и овде би сакала да се насочам кон конкретни совети за клиентите.

Во последните три години клиентите физички лица имаат на располагање личен годишен извештај за платените надоместоци за користење платежни услуги. Освен вкупниот годишен трошок, извештајот содржи детали по типови на користени налози и услуги, што е одлична појдовна основа за секој од нас да пристапи кон анализа на своите навики и трошоци, како што практикуваме за секој друг аспект од домашниот буџет.

На тој начин клиентите можат и полесно да ги споредат своите трошоци со другата понуда на пазарот и да донесат информирана одлука за изборот на банка. Ваквите анализи често покажуваат и дека не е важна само висината на поединечен надоместок, туку вкупниот трошок за секојдневното банкарско работење, при што клиентите на Комерцијална банка можат да увидат дека добиваат најконкурентни и ценовно поволни услуги за нивните потреби.

За оптимизирање на овие трошоци на клиентите, Комерцијална банка нуди КБ пакети, кои овозможуваат пониска месечна цена за пакет банкарски услуги, кој вклучува одржување сметка, користење електронско банкарство и дебитна картичка. Особено поволен е Zipp пакетот за млади, кој е бесплатен за млади до 29 години и невработени, а за вработени чини само 30 денари месечно. Освен финансиски поволности, овозможува и избор на специјално дизајнирана картичка за млади, попусти на атрактивни продажни места и разни други бенефиции.

За вршење онлајн платежни трансакции, кои се сѐ почести, Комерцијална банка овозможува бесплатни денарски плаќања кон сите физички и правни лица со сметка во Банката. Не мора ни да ја знаете сметката на вашиот пријател во Банката, доволно е тој да е регистриран за услугата Плати на пријател со својот мобилен телефон и во секое време можете да му префрлате пари без никаков трошок преку мобилната апликација мБанка.

За нашите клиенти кои, пак, својата пензија ја примаат преку Комерцијална банка, би посочила дека наједноставен начин за заштеда е да ја користат услугата траен налог за плаќање на месечните сметки за комуналии.

Комерцијална банка постојано покажува една значајна конкурентска разлика на пазарот поврзана со понудата за граѓаните, а тоа е континуитет на одржување ниски надоместоци за користење платежни услуги во Банката.

Дигиталното банкарство станува секојдневие за граѓаните, но колку навистина го користат и кои се конкретните придобивки што ги добиваат?

Дигитализацијата стана нашето секојдневие и би сакала да истакнам дека дигиталниот напредок и иновациите во банкарскиот сектор во земјата се нешто кое навистина заслужува почит и пофалба. Воведувањето дигитални банкарски услуги во последните години е континуиран процес кај сите банки, но со задоволство и со гордост можам да кажам дека Комерцијална банка се истакнува како лидер во оваа област.

Банката ја држи лидерската позиција уште од пред 30 години, кога ја воведе првата платежна картичка во земјата, од брендот Mastercard, а потоа воведе низа други напредни технологии поврзани со користењето на картичките како инструмент за плаќање. Во последните години фокусот е веќе на 24/7 достапно онлајн банкарство и во таа насока Комерцијална банка прва ја воведе можноста за електронска идентификација преку OneID, преку која пак станаа достапни бројни производи и услуги.

Граѓаните сега може да отворат платежна сметка, да аплицираат за дебитна картичка и да активираат електронско банкарство целосно онлајн, односно без посета на шалтер. Со користење на електронската идентификација преку OneID, клиентите можат и да ажурираат лични податоци, да отворат девизна сметка, да активираат КБ пакет, да аплицираат за Онлајн потрошувачки кредит. Можат да плаќаат со своите паметни телефони дигитализирајќи ги своите картички во Google Pay, Apple Pay или Garmin Pay, или користејќи ја мобилната апликација мБанка. Наскоро ќе им бидат достапни уште бројни други услуги, кои ќе значат уште полесно и поефикасно управување со личните финансии.

Придобивките се очигледни. Паричникот целосно е пренесен во нашиот мобилен телефон. Дигиталните трансакции се извршуваат за неколку секунди, веднаш е достапна нотификација за трансакцијата, сите извршени трансакции веднаш се гледаат во Интернет банка или во мБанка, нема потреба од чување хартиени налози во домашната архива.

Можам да кажам дека сме задоволни со обемот на користење на дигиталното банкарство. Но, споредувајќи се со европските состојби, очекуваме натамошно зголемување на користењето на дигиталните канали во банкарското работење.

И покрај инфлациските притисоци и зголемените трошоци за живот, депозитите на граѓаните продолжуваат да растат. Дали ова значи дека стануваат поодговорни кон своите финансии или пак дека штедењето во банка е веќе вкоренета навика?

Нашите граѓани имаат децениски вкоренета навика за штедење. Депозитите на граѓаните растат од година во година. Современиот начин на живот и измените во домашната законска регулатива донесоа бројни опции за инвестирање, како што се инвестициските фондови, вложување во домашни и во странски хартии од вредност, во недвижен имот во странство, но штедењето во банка сѐ уште го има приматот.

И во наредните години очекувам штедењето да ја одржува својата доминантна позиција како најчест избор на клиентите за акумулирање и чување на своите заштеди. Но, природниот процес на финансиско зајакнување на помладите генерации може да донесе промени во овој сегмент на подолг рок.

Основата на потребата за штедење е многу едноставна – заштедата овозможува чувство на долгорочна стабилност. Притоа, Комерцијална банка во своето 70 годишно постоење има континуирано доминантно пазарно учество во доменот на депозити на граѓаните, што укажува на силното чувство на доверба и сигурност што го имаат нашите штедачи.

 Во која насока очекувате да се движат каматните стапки на кредитните производи во наредниот период со оглед на тоа што се стега монетарната политика од страна на НБРМ?

Комерцијална банка секогаш ги следи сигналите од домашното и меѓународното окружување при одредување на своите каматни политики. Истовремено го следиме и квалитетот на кредитното портфолио на населението во Банката, кое во изминативе кризни години покажа висок степен на отпорност кон ризиците од окружувањето и континуирана стабилност.

Секогаш имаме на ум дека главен извор за отплата на кредитите на граѓаните се месечните примања и тоа има значајна улога во одредувањето на нашите кредитни производи и политики. Крајната цел е успешно кредитирање за сите учесници во процесот.
Ефектите од затегањето на монетарната политика врз каматните стапки на кредитните производи наменети за населението вообичаено се со одложен рок и со помал интензитет на трансмисијата споредено со порастот на основната каматна стапка. Во следниот период може да се очекува помал пораст кај каматните стапки на ниво на банкарскиот систем, кој би се движел во интервалот од 0,1 до 0,2 п.п.

Притоа, врз каматната политика на банките едновремено влијаат и други фактори, како што се регулаторните барања, побарувачката за кредити, конкурентските притисоци, стратегиите за пазарно учество, изворите на финансирање и сл. Дел од банките побрзо ќе реагираат со промени на каматните стапки, а дел нема да ги зголемат каматните стапки. Дополнително, доколку продолжи неизвесноста со кризата на Блискиот Исток и се задржи повисоко нивото на инфлација, може да се очекува и натамошно затегнување на монетарната политика, при што банките ќе ги следат сигналите од НБРСМ.


Спонзорирана објава

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот