Депресивни епизоди, желба за храна… Како да препознаете кога доаѓа мигрена
Мигрените се многу повеќе од само главоболки; тие се комплексна невролошка состојба која погодува милиони луѓе. Според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), околу 15 отсто од возрасните во Соединетите Американски Држави пријавиле дека имале мигрена или силна главоболка во последните три месеци. И покрај тоа што повеќе од 36 милиони Американци страдаат од мигрена, само еден од тројца пациенти разговара за тоа со својот лекар.
Препорачано
Мигренските напади, кои често започнуваат во детството или раната возрасна доба, можат да се одвиваат во четири фази: продром, аура, фаза на главоболка и постдром. Сепак, важно е да се напомене дека не секој поминува низ секоја од нив, пишува здравствениот систем на Мајо клиник хелт систем. Разбирањето на овие фази е клучно, бидејќи раните симптоми можат да послужат како предупредувачки знаци и да сигнализираат за потреба од навремено лекување. Раното препознавање на нападите може дури и да спречи развој на потешки симптоми. Времето помеѓу нападите се нарекува интериктална фаза.
Продром: Рани предупредувачки знаци
Првата фаза на мигрена, позната како продром или премонтирана фаза, може да започне со часови, па дури и со денови пред самата главоболка. Иако повеќето луѓе со мигрена доживуваат продром, тој не мора да се појавува пред секој напад.
Симптомите можат да бидат суптилни и вклучуваат прекумерно прозевање без чувство на замор, болка и вкочанетост во вратот, зголемена чувствителност на светлина, звук и мириси, замор, тешкотии со концентрацијата, копнеж за храна, зачестено мокрење и промени во расположението како што е раздразливост. Интересно е што лицето во продромалната фаза можеби не е ни свесно за промените, но луѓето околу него може да ги забележат.
Токму во оваа фаза симптомите често се погрешно толкуваат како предизвикувачи на напад, објаснува порталот „Повторно мигрена“ . На пример, чувствителноста на светлина може да ја наведе личноста да верува дека силните светла се предизвикувач, кога всушност тоа е симптом на нападот што веќе започнал.
Слично е и со чоколадото, кое често се смета за предизвикувач, но истражувањата сугерираат дека всушност станува збор за копнеж по храна што се појавува како симптом на продомот. Разликувањето на симптомите од вистинските предизвикувачи е клучно за подобро справување со мигрените.
Меѓутоа, една проспективна студија не пронашла докази дека промените на расположението, како што се депресивните симптоми, се сигурен ран предупредувачки знак за претстојниот напад на мигрена, се наведува во истражувањето објавено на „СаенсДирект“.
Препознавањето на продромалните симптоми дава можност да се запре нападот пред да ескалира. Раното земање лекови, избегнувањето на други предизвикувачи и практикувањето техники за релаксација можат значително да ја намалат јачината на главоболката или дури и да ја спречат.
Аура: Визуелни и сензорни нарушувања
До една третина од луѓето со мигрена доживуваат аура како посебна фаза од нападите, пишува Американската фондација за мигрена. Аурата се состои од реверзибилни невролошки симптоми кои обично се појавуваат пред или во текот на главоболката. Симптомите се развиваат постепено во текот на неколку минути и најчесто траат од 20 до 60 минути.
Примерите вклучуваат визуелни феномени како што се блесоци на светлина, геометриски форми или слепи точки, но исто така и чувство на пецкање во раката или ногата, слабост на едната страна од телото, тешкотии при зборување или пречки во слухот. Аурата не мора секогаш да биде придружена со главоболка, но обично служи како јасно предупредување за нејзиното доаѓање.
Фаза на главоболка: Врв на нападот
Фазата на главоболка се карактеризира со болка која најчесто е пулсирачка и обично се појавува на едната страна од главата, иако може да се прошири и на двете. Ако не се лекува, оваа фаза може да трае од четири часа до 72 часа.
Болката се движи од блага до исцрпувачка, а е придружена и со други симптоми како што се гадење, повраќање и екстремна чувствителност на светлина, звук, мириси и допир. Во оваа фаза, дури и нормалните активности како што се движење или изложеност на светлина можат значително да ја влошат состојбата.
Претходно споменатата проспективна студија покажала дека пациентите пријавиле зголемени депресивни симптоми во текот на фазата на главоболка, за разлика од продромалната фаза. Студијата, во која учествувале 487 учесници, ја истакнува важноста на препознавањето на акутните промени во расположението во текот на самиот напад на мигрена.
Постдром: „Мигренски мамурлак“
Откако ќе помине главоболката, доаѓа последна фаза позната како постдром или „мигренски мамурлак“, која ја доживуваат околу 80 отсто луѓе со мигрена. Оваа состојба може да трае и до еден ден, а симптомите вклучуваат чувство на исцрпеност, збунетост, болки во телото, вртоглавица, тешкотии при концентрацијата и чувствителност на светлина.
Некои луѓе го опишуваат чувството како да се „исплакнати“, додека други може да почувствуваат дури и блага еуфорија. Иако главоболката престанала, телото сè уште се опоравува од нападот, па затоа се препорачува одмор, хидратација и избегнување на стрес.
Разбирањето на сопствениот модел на мигрена е клучен чекор кон делотворно лекување. Водењето дневник за главоболка може да ви помогне да ги идентификувате вашите симптоми и фазите низ кои поминувате. Ако редовно доживувате мигрена, водете евиденција за вашите напади и како сте ги третирале. Потоа, закажете состанок со вашиот лекар за да разговарате за вашите главоболки, бидејќи мигрените се состојба која често не се дијагностицира и не се лекува соодветно.


