Фото: Слободен Печат

„Ре:старт“: Фестивал кој создава нов простор за младата македонска алтернативна сцена

Осум бендови од домашната сцена се поврзаа со публиката преку заедничка желба – нов почеток и нови лица со свеж звук.

По викенд исполнет со добра музика и енергија од дел од најистакнатите млади претставници на македонската алтернативна музика, успешно заврши првото издание на фестивалот „Ре:старт“. Низ текот на дводневниот настан настапија осум бендови и се претставија со својот уникатен звук на новата локација на „Лабораториум“.

Бендовите преку својата музика го претворија местото во жив простор за забава, а енергијата на младата публика, која постојано трага по вакви настани, ја направи оваа манифестација незаборавлива.

Посетителите имаа можност да ги слушнат бендовите кои ги обожуваат, но и да отворат врати кон нови, непознати музичари. Пораката на настанот, „од млади, за млади“, беше навистина сеприсутна низ целиот амбиент.

Фото: Слободен Печат

Фестивалот го отворија „Големата вода“, бенд чија музика е инспирирана од и ја отсликува атмосферата на градот Скопје, поставувајќи го тонот за она што следеше.

– Сакам сите да бидат исполнети од нашиот настап. Што повеќе луѓе има, толку сум и јас позадоволен. Исто така, се надевам дека повеќето бендови се задоволни од организацијата пред сѐ – истакна Јован, вокалист и гитарист на „Големата вода“.

По нив, сцената ја заземаа бенд со поразличен звук, со песни кои, како што велат тие, произлегуваат од сомнеж, надеж и поделба, групата „Член 16“ понуди поинаков пристап кон алтернативниот звук кој публиката го прифати со отворени раце.

Фото: Слободен Печат

Третиот настап на вечерта беше од групата „Малард“ чија музика и песни кои се осврнуваат на младоста целосно ја „електризираа“ публиката која, се чинеше, не можеше да престане да се движи.

– Се надевам дека луѓето ќе запамтат да играат, затоа што тоа е поентата. Луѓето треба да играат, да „се журкаат“, убаво да си поминуваат. Ако не е така, фестивалите се залудни. Зошто да немаме повеќе места каде што младите ќе може да се забавуваат? Порано имаше повеќе релевантни места, сега бројот само се намалува – рече Максим, вокалист и гитарист на „Малард“.

Првата вечер ја затворија „Корка“ од Кочани, минатогодишни добитници на првата награда од публиката на меѓународниот музички натпревар за млади музичари „Имеџин мјузик експириенс“ во Брисел.

Покрај музичката програма, фестивалот понуди и одлична прилика за дружење, разговори и социјализација меѓу младите посетители. Заедничката нишка што ги спои сите – и публиката и настапувачите, беше желбата за нов почеток и нови лица кои може да донесат свеж звук на алтернативната музичка сцена.

– Сметам дека овој настан може да биде катализатор за повеќе вакви настани. Супер е организиран. Многу ми е драго што многу помлади луѓе се вклучуваат, што сцената не ја држат само постарите – сподели еден од постетителите на фестивалот.

Присутните на фестивалот речиси едногласно се сложуваат дека им недостигаат повеќе вакви настани.

– Многу е убаво кога има нешто вакво, кога има прилика да се отиде на нешто со млади бендови. Прво за бендовите кои што имаат можност да се претстават, а второ бидејќи сѐ повеќе ни фалат културни настани и простор за забава – додаде друг посетител.

Фото: Слободен Печат

Вториот ден од фестивалот го отворија „Персеида“, бенд со меланхоличен тон чија музика се движи меѓу сонот и стварноста, со цел, како што самите тие истакнуваат, да ја претвори болката во убавина.

Контрастот беше драстичен кога на сцената излегоа „ЛСД дјуринг вор“ кои, со нивниот гласен и суров звук, успеаа да ја кренат енергијата на публиката на целосно ново ниво.

„Калико“, пак, настапи на сцената со своите старски блуз-рок песни, спојувајќи ја публиката во еден ист заеднички ритам со нежните мелодии кои „ткаат“ приказна. Нивниот настап покажа дека фестивалот нуди простор за различни жанровски изрази, но и истовремено задржување на  заедничката цел, младешката креативност и автентичност.

– Сакам да се запамети целиот труд кој што беше вложен, не само од страна на бендовите, туку и од сите млади души кои работат на развојот на културата. Секој креативен израз од луѓето го бутка народот се повеќе кон инспирација. Ние сме многу благодарни што не поканија на овој фестивал, ми значи тоа што некој го приметил трудот вложен во нашиот бенд, ми значи колку многу луѓе дојдоа на настапот – вели Горазд, тапанар на „Калико“.

Фестивалот го затворија „Животни“, бенд што пее за светлината, гневот и будноста со песни кои, како што велат тие, се протест против неправдата. Нивниот настап беше моќен завршеток на двете вечери.

Со овој настан, „Ре:старт“ покажа дека во Скопје постои жива и активна млада музичка сцена, која, и покрај ограничените можности, продолжува да постои, да се создава и да се развива.

–  Атмосферата на „Ре:старт“ многу се сведува на љубовта што е ставена во овој фестивал, буквално, овој фестивал произлегува од љубовта кон она што го прават сите настапувачи. Кај секој од настапувачите кои излегоа на бина во овие два дена се чувствува дека го прават ова од чиста желба да се искажат и да ја покажат својата уметност – заклучи еден од посетителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот