ВИДЕО | Јорданова Пешевска: Несреќа е нешто што не може да се превенира, ние имаме незгода, а незгодите може да се превенираат

Димитринка Јорданова Пешевска, психолог
Димитринка Јорданова Пешевска, психолог / Утрински брифинг

Сега живееме со последиците од несреќата што се случи пред два дена, со правните и општествените последици. Но, во првите денови на шок не доаѓа ред да се сетиме, а можби тоа е најважното – на справувањето со посттрауматскиот стрес. Имавме трауматична ситуација во училиштето во Чаир каде учеа повеќе од загинатите деца.

-Сочувство за семејствата и пријателите на жртвите, голема е загубата, ова е загуба од национални размери. Колегите од Бугарија на преживеаните жртви им пружиле психолошка помош што е многу добро. Има неколку паралелни состојби. Прво е психолошкиот шок на оние кои учествувале во несреќата и се сѐ уште несвесни што се случи. Ако не им се пружи навремена психолошка помош, подоцна може да случи да имаат навраќање на трауматичното искуство. Втор сегмент е како камче фрлено во вода. Би го повикала Министерството за здравство да реагира кај семејствата на загинатите. Пошироките семејства се исто така засегнати како и кругот на пријатели и феноменот на смртта кој се појавува во училиштата. Со децата треба да се поразговара за оваа тема. Разбрав дека некои училишта колегите психолози веќе почнале да разговараат со децата, вели вели Димитринка Јорданова Пешевска, психолог и шеф на катедрата за психологија на Унивезитетот Американ колеџ, експерт по здравствена психологија, која работела во СЗО на проблеми кои адресираат вакви ситуации.

Таа се осврна на трауматичното искуство на семејствата и пријателите на жртвите од терористичкиот акт во кампот за млади на норвешкиот остров Утоја. Се ставија на располагање сто луѓе кои почнаа да работат на проблемот, вели професорката и додава дека се чини оти ги забораваме младите и за оваа ситуација и за ковид пандемијата и за превенција на насилство и сѐ останато. Треба да се работи со децата за да се намалат проблемите во семејствата, вели Јорданова Пешевска.

-Мора да се промине и процесот на оджалување. Во тој период многу лица можат да заглават во таа фаза на жалење, вели Јорданова Пешевска.

Стигмата одамна е веќе тргната од посета на психолог во нашето општество.

-Министерството за здравство итно треба да свика група психолози кои можат да се стават на располагање. Трета работа што се случува покрај жалењето: се јавува траумата во вид на потреба од линч. Со виновните треба да се занимаваат луѓето од правдата. Но, мора да се направи и превенција да не се случува насилство. Во нордиските земји кога има проблем, седнуваат и разговараат како да се превенира во иднина. Несреќа е нешто што не може да се превенира, ние имаме незгода, а незгодите може да се превенираат, вели Јорданова Пешевска.

Сега следува и долга истрага која се одвива во странска земја, а и судските процеси траат долго пред да се дојде до правдата. Битно е освен психолошка и логистичка помош за семејствата, што е важен дополнителен дел оти луѓето не можат да се организираат како во нормални ситуации.

Различни култури, вери и заедници различно се соочуваат со смртта. Не танува збор само во овој случај, туку и со ковид пандемијата која однесе многу животи. Прашање е дали нашето општество можеме да се носиме и соочуваме со смртта.

-Ние не сме подготвени за тоа. Ние како да заборавивме на менталното здравје на младите. Во однос на ковидот тие чувствуваат вина за смртта на постари членови на семејството. Со овие проблеми мора систематски да се занимаваме. Младите се анксиозни и депресивни и треба да се занимаваме со овој проблем, вели Јорданова Пешевска за Утрински брифинг.

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот