Истрагата за изгорениот автобус ќе трае најмалку шест месеци: Причините за несреќата ќе се откријат, виновниците потешко

автобуска несреќа во Бугарија
Автобуска несреќа во Бугарија, загинаа 46 патници од Македонија/ Фото: Nikolay DOYCHINOV / AFP / Profimedia

Тахографот е целосно изгорен, телата се многу јагленосани, што значи дека не можеме да дознаеме дали возачот имал срцев удар. Можно е автобусот да шверцувал гориво, или некој од патниците, или возачите да превезувале запаливи материи, како огномети и петарди.

Шест месеци ќе трае истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници од Македонија, а седум лица се повредени откако македонски автобус на компанијата „Беса транс“ се запали на магистралниот пат „Струма“, велат бугарските експерти за тамошните медиуми. Тие сметаат дека причините за несреќата ќе се кажат наскоро, но не и кои се виновниците.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција истакна дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.

Според првичните информации од истражните органи во Бугарија, во автобусот вкупно имало 52 лица, од кои 45 загинаа, а седуммина се хоспитализирани на Клиниката во Софија. Од загинатите, 12 се деца.

Македонскиот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој поради несреќата отпатува во Бугарија, вели дека до овој момент не може да се каже која е причината за незгодата, но можни се две причини – човечкиот фактор или техничката неисправност на возилото. Тој напомена дека станува збор за пообемни вештачења.

– Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија, со кои имаме одлична соработка, ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата – истакна Јовески.

Слушнав грмење, но не сфатив што е

Во меѓувреме во бугарските медиуми се појавуваат ретки сведочења на настанот. Илија Николов од Бугарија, еден од луѓето што први се јавиле на телефонот за итни случаи 112 за да ја пријави автобуската катастрофа, за Бугарската национална телевизија откри нови детали за инцидентот во кој животот го загубија 46 македонски граѓани. Николов работи на објект на 500 метри оддалеченост од несреќата и заедно со колегите санира свлечиште во близина на автопатот. Во кобната ноќ тој спиел во кампот на објектот.

– Слушнав едно грмење, но не можев да сфатам што беше. Се симнавме со колегата надолу кон Кулата и гледаме дека нешто во заштитната ограда гори. Гореше по малку, а потоа се засили постепено и се прошири. Се приближивме и сакавме да помогнеме, но немаше како. Веќе многу гореше, не можевме да се приближиме – изјави Илија за БНТ.

Според него, веќе имало луѓе што излегле од автобусот на левата лента од патот.

– Ми зборуваа на непознат јазик, не разбрав од каде се – додава тој.

Веднаш откако виделе дека се случила катастрофа, неговиот колега заѕвонил на 112, а тој зел рефлектор и почнал да сигнализира на автомобилите што доаѓале. Многу возачи сопреле и дотрчале да им помогнат на повредените.

– Полицијата дојде за 17-18 минути и ние потоа заминавме нагоре кон базата. А, кога се симнувавме надолу, видовме парчиња гуми што горат. Според него, мирисало на изгорено, но не почувствувал мирис на гориво.

Тахографот изгорен, телата јагленосани

Претседателот на Бугарското здружение на возачи Христо Радков, кој бил на местото на несреќата и учествува во вештачењето, смета дека причините за сообраќајката и избувнувањето на пожарот тешко ќе се утврдат, а може и да останат тајна.

– Во моментов само нагаѓаме, а може така да остане и до крај, бидејќи автобусот изгоре. Ако прашате колку брзо возел, не можеме да кажеме. Тахографот е целосно изгорен, телата се многу јагленосани, што значи дека возачот, дури и да имал срцев удар – не можеме да дознаеме, бидејќи не може да се изврши обдукција – објасни вештакот.

Според Радков, самата несреќа не била толку тешка, а големиот број жртви доаѓа од пожарот. За него, големо прашање е што го предизвикало пожарот.

– Очевидци велат дека слушнале експлозија. Маслото не предизвикува таков пожар, со него горело нешто друго. Има многу начини да се запали автобус, но ова е нов автобус направен од незапаливи материјали – нешто таму гореше многу силно – додаде Радков.

Македонскиот судски вештак со повеќе од 10 години искуство Дејан Трпевски, за „Утрински брифинг“ ги објаснува процедурите и можностите на постапката на вештачење.

– Што повеќе материјални докази се соберат на самото место, толку полесно се врши вештачењето. За жал, во Македонија тоа ретко се прави темелно, но мислам дека во оваа ситуација во Бугарија ќе бидат направено сериозно вештачење. Изработката на вешт наод и мислење ги опфаќа сите фактори, меѓу кои и временските услови, видот и шарата на гумите и така натаму. Сега се уништени голем дел од доказите, но мислам дека со изјавите на преживеаните ќе се дојде до некој заклучок. Првична информација беше дека автобусот излетал и се превртел. Но, не е така. Да не дошло до пожар, најверојатно сите би биле живи – вели Трпевски.

 

Автобусите проблематични за вештачење

Вештачењето автобуска несреќа е специфично, зашто има голем број патници. Проблемот е што патниците превезуваат разен багаж, а не може да се има контрола што има внатре. Можно е да имало и петарди, кои не биле откриени од царинските контроли. Тој ги коментира шпекулациите дека во автобусот можеби имало доградени резервоари за шверцување гориво, оти горивата се значително поевтини во Турција.

– Автобусот како превозно средство бара највисока заштита. Секаква измена бара хомологација. Вградување дополнителни резервоари е недозволиво, како ни пренесување запаливи материи. Јавна тајна е дека автобусите што доаѓаат од Турција превезуваат гориво бидејќи таму е драстично поевтино, поради тоа што е пренесено од Сирија. И бугарските автобуси се движат така. Сите знаат, а никој не презема ништо. Не може со таа цена на аранжмани да има исплатливост. Тоа требало некој да го забележи. Ова сега е нелојална конкуренција, со илегални дејства ги загрозуваат животите на патниците. Ако институциите преземат мерки, половина од превозниците ќе се затворат – додава Трпевски.

Дума: Тешко ќе се најдат докази дали возачот имал инфаркт

Доктор Алексеј Дума, доскорешен директор на Судска медицина, за „Утрински брифинг“ ја објаснуваше постапката на идентификација на жртвите и медицинската истрага за можните причини на несреќата. Во врска со шпекулациите дека можеби се случило слабост на возачот или инфаркт и како тоа се утврдува, Дума рече дека тоа зависи од степенот на изгореност дали може да се види дека некој доживеал инфаркт.

– Ако е брз инфаркт, многу е тешко да се најдат докази. Срцевиот мускул е добро заштитен во телото. Знаејќи ги способностите на колегите, тие брзо ќе дојдат до заклучоци. Мене ми пречи што квазинаучници и кафеански научници пуштаат озборувања што народот ги слуша и тоа е многу деструктивно. Регулирано е како треба да се комуницира со јавноста. Роднините што загубиле блиски се во шок, во афект и се инстинктивно агресивни. Виновникот не е идентификуван, па агресијата ја упатуваат кон екипите што работат на идентификација. Потребни се вешти луѓе и добри новинари, кои ќе комуницираат исправно – вели д-р Дума.

ФОТО+ВИДЕО | ВО ЖИВО: Сите информации за тешката сообраќајна несреќа во Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот