Бугарско обвинителство: На местото на трагедијата се пронајдени 44 тела, спасени се 8, но едниот го нема

Сијка Милева
Сијка Милева / Фото: МИА

Човечката грешка е водечката и главна верзија на трагедијата на автопатот „Струма“. Ова на брифинг го изјави бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов.

– Верзијата за терористички чин е правилно истражена од наша страна. Ние категорично ја отфрламе, рече заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов за време на брифингот.

Тој даде детали од истрагата за тешката сообраќајка на автопатот „Струма“ во која загинаа 45 лица.

Според него, повеќето од загинатите во автобусот починале од задушување. На нивните тела била извршена обдукција.

„Во медиумите многу се шпекулира за инцидентот на автопатот „Струма“. Во случајот нема очевидци, а во медиумите веќе има над 20“, објасни Сарафов.

– Сослушани се двајца од патниците во автобусот. Беа будни и дадоа крајно објективни информации. Нивните сведоштва целосно се поклопија и сметаме дека се целосно веродостојни и правилно изнесени. Уште двајца патници кои се во Пирогов се на распит и ќе дадат исказ денеска, додаде заменик-главниот обвинител.

Категорично е отфрлена верзијата за превезено гориво во опожарениот автобус. Според Сарафов, на местото на настанот биле пронајдени 44 тела.

Портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева рече и дека при распитот еден од преживеаните рекол дека се спасени 8 лица, а не 7. Во исто време, на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела. Затоа, истражителите ја проверуваат верзијата за да видат дали има уште еден преживеан и каде е тој.

– Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, истакна Милева.

Милева додаде дека сведокот потоа бил испрашан од истражители во присуство на преведувач и тој повторно категорично тврдел дека се спасиле осум луѓе.

– Јас бев на местото на инцидентот и ги видов јагленисаните трупови, глетката беше ужасна, потешка беше ситуацијата кога заедно со главниот обвинител на Северна Македонија и обвинителката за организиран криминал и корупција ја посетивме болницата „Пирогов” каде беа сместени седум од повредените. Истите беа во добра физичка состојба, но психички беа во многу тешка состојба. Секој беше во одделна соба во одлични услови и за нив се грижат најдобрите лекари во земјата, рече Милева.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот