Бугарски експерти ја анализираа несреќата: Кај резервните гуми имало туби со нафта?

автобуска несреќа бугарија
Автобуска несреќа во Бугарија, загинаа 46 патници од Македонија/Фото: Nikolay DOYCHINOV / AFP / Profimedia

Пожарот избил од предниот дел од автобусот, а според полицијата, кај резервните гуми имало туби со нафта. Патот беше полеан со нафта, изјави за БТВ Васко Пиргов, секретар на Регионалниот совет за безбедност на Перник, кој меѓу првите пристигнал на местото на настанот.

Бугарски експерти ги коментираа информациите до кои можеше да се дојде вчераутро по несреќата на автопатот Струма. Секретарот на Регионалниот совет за безбедност на градот Перник, Васко Пиргов, кој меѓу првите пристигнал на местото на настанот, смета дека возачот на опожарениот автобус возел со несоодветна брзина, повеќе од 100 километри на час, а се движел по десната коловозна лента.

– Автобусот удрил со предната десна гума во знак што летнал 45 метри. Површината на патот беше совршена, автобусот не можел да се лизне. Нема знаци за сопирање – нагласи Пиргов за БТВ.

Според него, пожарот избил од предниот дел од автобусот, а според полицијата кај резервните гуми имало туби со нафта.

– Од кај парното почнал пожарот. Патот беше полеан со нафта – рече Пиргов.

Според него, возилото застанало на бензинска пумпа која е оддалечена само 20 минути од местото на трагедијата, па невозможно е возачот да заспал. Површината на патот била во одлична состојба.

Пиргов смета дека повеќето од жртвите најверојатно се задушиле, а потоа изгореле.

– Нема начин да се отстрани тахо-картичката, бидејќи предниот дел е целосно изгорен. И лимот се стопил – изјави Пиргов.

Возачот се обидел да го стабилизира автобусот?

Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики на Бугарија анализираше снимки од дрон.

– Задолжително треба да се одреди состојбата со патните ознаки во таа делница, како и неколку километри наназад, за да се види дали тие го збуниле возачот и дали тоа довело до тешкотии при следењето на патот – рече Русинова за БТВ.

Сосема е можно знакот за островот да го немало или возачот да не го видел, или тој да заспал, смета експертката.

– На снимките од дронот јасно се гледа како тој, откако изгубил контрола, се обидел да го стабилизира автобусот, но потоа удрил во заштитната ограда. Тоа може да се случи. Но, не можам да кажам во кој момент точно се случило тоа – додаде таа.

Друга снимка покажува знак поставен на островот на коловозот. Според Русинова, тој знак не бил правилно поставен и бил ставен премногу високо.

– Тој знак треба да се постави пониско за да се гледа подобро. Знакот не се гледа. Не сум сигурна дека овој знак бил таму и добро е да се провери дали е во урнатините, бидејќи на снимките не се гледа – додаде експертката за патишта.

Автопат, а има свијоци, спуштања и искачувања

Претседателот на Синдикатот на возачи за автомото-обука Јонко Иванов за „Бугарија наутро“ вели тоа не е автопат, тоа е спореден пат, со многу свијоци, спуштања и искачувања, а максималната брзина сепак е 120 км/ч.

– На овие стрмни падини, моторната сопирачка на автомобилот е затегната, тоа е одговорност на возачот. Овде не гледаме растојание за сопирање. Ниските заштитни огради не треба да постојат на такви ризични делови од патот – изјави Иванов.

Должност на сопственикот на патот е, во зависност од условите на патот и траекторијата на самиот пат, да постави дополнителни знаци за намалување на брзината, вели Иванов.

– При слаб дожд се создава каллив коловоз и гумите не можат да имаат добра влечна сила на површината на патот. Во случај на неконзистентна брзина и несмасност со работата на системот за сопирање, со возилото не може да се управува – објасни експертот.

Иванов посочи дека имало удар во заштитната ограда десно од автобусот и речиси фронтален удар во разделницата на патот. Според него, зачудувачки е што од 2 ноќта до 8 часот наутро нема слика за состојбата и тоа што немало сведоци на несреќата.

– Патот, возилото или возачот – една од овие три работи или сите доведоа до оваа трагедија? Во автобусот треба да има двајца возачи. Дали времето за одмор е исполнето? Влегува во 22 часот во Бугарија и патува долга релација, застанува околу еден час да одмора. Луѓето се симнале, што значи дека не спиеле сите во овој период – вели Иванов, кој додаде дека заштитната ограда на патот е нова и успеала да го запре автобусот.

Според него, истрагата нема да трае долго, бидејќи се засегнати две земји.

– Вистинска работа би била да се формира заедничка комисија – рече тој.

Патот го градел ГП „Маврово“

Бугарскиот „24 часа“ објави дека македонската компанија ГП „Маврово“ ја изградила делницата каде што се запали автобусот.

„Пред 15 години стана јасно дека оваа делница е со многу слаб квалитет. Лоша подлога и меки заштитни огради. Рефлекторите на нив, таканаречените мачкини очи, не ја рефлектираат светлината на фаровите и тешко се ориентираат, особено на аглите. Свијоците имаат обратен наклон и собираат вода. Секогаш има локви дожд и опасност од лизгање. Затоа овој ‘автопат’ не е сертифициран како таков“, пишува порталот.

ФОТО+ВИДЕО | ВО ЖИВО: Сите информации за тешката сообраќајна несреќа во Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот